фото: Архива

Советот на Општина Прилеп на 21. седница усвои одлука за изменување и дополнување на постојната регулатива за авто-такси превоз, со која се предвидува посистемско уредување на оваа дејност, воведување јасни правила и подобра организација на такси-превозот во градот.

Од Општината информираат дека регулирањето на такси-превозот е прашање на кое градоначалникот Дејан Проданоски и општинскиот Совет работат од преземањето на локалната власт. Оттаму посочуваат дека станува збор за услуга што секојдневно ја користат голем број граѓани, поради што е неопходно да има јасни правила, организирани такси-станици и еднакви услови за сите превозници.

Основната одлука за авто-такси превоз во Општина Прилеп е донесена во 2008 година, а повеќе од 18 години не претрпела суштински измени со кои би се одговорило на променетите потреби и состојби.

Во подготовката на новите решенија, како што информираат од Општината, била значајна и соработката со такси-превозниците. Во изминатите неколку месеци биле одржани повеќе состаноци на кои се разговарало за проблемите во дејноста и биле разгледувани предлозите на превозниците.

Со усвоените измени се предвидуваат неколку новини:

  • 10 такси-станици на територијата на градот, со вкупен капацитет од 36 паркинг-места. Нивниот број и капацитет ќе може да се менуваат во зависност од потребите и бројот на лиценцирани возила.

  • Максимум 200 лиценцирани такси-возила што ќе можат да вршат авто-такси превоз на територијата на општината.

  • Унифициран изглед на возилата. Секое лиценцирано такси-возило ќе треба да има ознака TAXI и налепница со логото на Општина Прилеп, за полесно препознавање на лиценцираните превозници. Трошокот за изработка и поставување на налепниците ќе го покрие Општината.

  • Утврдени тарифи за превозот: 35 денари за изминат километар, минимална цена од 80 денари за превоз до еден километар и 300 денари за еден час чекање.

Од Општината оценуваат дека со измените се воспоставуваат јасни критериуми за тоа кој може да врши такси-превоз, под кои услови и на кои локации. Очекуваат новите правила да придонесат за поголема прегледност во работењето, подобро искористување на паркинг-просторот и полесна идентификација на лиценцираните превозници.

Одлуката беше усвоена со 17 гласа „за“, а нејзината примена ќе започне на 1 јануари 2027 година. Периодот до тогаш е предвиден за превозниците да се информираат, да ги завршат потребните подготовки и да се приспособат на новите услови.

Од Општина Прилеп очекуваат со новите правила да се воспостави поуреден и пофункционален систем на такси-превоз, со јасни правила и услови за работа.

Ка.М.