Фото: ЕПА

„Нема да бидеме работна сила за вашата војна, ниту ќе останеме беспомошни пред репресијата“, порачаа младите учесници на денешниот протестен марш во Рим, организиран во рамките на генералниот штрајк во Италија. Демонстрациите се одржуваат со барања за повисоки плати, подобри услови за живот и поголема социјална сигурност, пренесе МИА која го следи протестот во италијанската престолнина.

Во своите обраќања, младите го изразија незадоволството од несигурните работни места, зголемените трошоци за живот и растот на воените расходи, оценувајќи дека актуелните политики не им нудат перспектива за иднината. Тие побараа поголеми инвестиции во образованието, здравството, домувањето и јавните услуги.

Еден од говорниците порача дека младите повторно го заземаат јавниот простор и бараат самите да одлучуваат за својата иднина, наместо таа да биде определувана од политичките одлуки на актуелната власт.

Друг учесник истакна дека младите нема да прифатат да бидат дел од воените политики и најави продолжување на мобилизацијата и протестите во Италија. Според него, денешните демонстрации се почеток на пошироко движење за враќање на правото на младите да одлучуваат за сопствената иднина.

На протестот во Рим се забележуваат палестински и комунистички знамиња, како и транспаренти против војната и социјалната несигурност. Демонстрации се одржуваат и во повеќе од 50 други италијански градови и населени места, по повикот на синдикалните организации за генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор.

Поддршка за протестните барања упати и Синдикалната организација на базата (USB), од каде што посочија дека економската неизвесност ги погодува работниците, студентите и земјоделците. Синдикатот бара повисоки плати, подобри работнички права и основна месечна плата од најмалку 2.000 евра.

– На страната сме на обесправените граѓани, кои страдаат, на студентите, кои немаат иднина, и на земјоделците, кои се принудени да престанат со сеидбата бидејќи по жетвата и продажбата на производите не можат да ги покријат ниту трошоците за производството – изјави претставник на Синдикалната организација на базата.

Протестите се одржуваат во услови на засилено полициско присуство, по претходните демонстрации во Италија, кои на одделни места беа проследени со судири и инциденти. Владата на премиерката Џорџа Мелони најави построги мерки против учесниците во насилни инциденти.

Организаторите најавија продолжување на мобилизацијата, со барања за подобри социјални и економски услови, поголема сигурност за младите и право на учество во одлучувањето за сопствената иднина.