Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) упатува препорака/ апел до сите родители и граѓани кои не ја примиле МРП вакцината (против мали сипаници, рубеола и паротит), согласно националниот Календар за имунизација, да ги посетат надлежните вакцинални пунктови и да ја надоместат пропуштената доза.
ИЈЗ во објава на својот фејсбук профил наведува дека имајќи го предвид сè уште недоволниот опфат со МРП вакцината во нашата земја, како и актуелната епидемиолошка состојба и регистрираните случаи на мали сипаници во дел од соседните земји за кој веќе информиравме, укажуваат на потребата од зголемена претпазливост и навремено преземање превентивни мерки.
Вакцинацијата е најефикасната мерка за заштита од мали сипаници и за спречување на нивното ширење во заедницата. Особено е важно децата да ги примат двете дози на МРП вакцината согласно календарот за имунизација, а лицата кои ја пропуштиле вакцинацијата да го проверат својот вакцинален статус и да ја надоместат пропуштената доза. Заштитата на секое дете е важна. Со навремена вакцинација ги штитиме не само сопственото здравје и здравјето на нашите најблиски, туку и целата заедница, наведуваат од Институтот и ги повикуваат граѓаните да не ја одложуваат вакцинацијата и да се обратат до најблискиот вакцинален пункт за проверка на вакциналниот статус, за вакцинација и дополнителни информации.































