Животната и музичка приказна на Славе Димитров, еден од клучните творци на златната ера на македонската забавна музика, е во фокусот на новата книга „Чија си“ од Максим Ристески. Авторизираната биографија деновиве излезе од печат во издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“, и веќе е достапна во книжарниците.
Инспирирана од животот и од творештвото на еден од најзначајните македонски композитори, пејачи, аранжери и музички продуценти, книгата раскажува за уметничката посветеност, за вербата во музиката и за потрагата по вистинскиот тон во време што често ѝ дава предност на бучавата.
Ова не е само биографија туку и хроника на едно време, раскажана низ животниот пат на човекот чии песни оставија траен белег во македонската музичка култура. Од битолско Генимале до позиција на еден од клучните творци на златната ера на македонската забавна музика, Славе Димитров градел препознатлив музички израз, воден од вербата во убавината на чистата и едноставна мелодија.
Книгата излегува во годината кога се одбележуваат 80-от роденден на Славе Димитров (р. 1 јуни 1946, во Битола) и шест децении од почетокот на неговото творештво. Наедно, годинава се навршуваат 55 години од првото јавно изведување на неговиот безвременски хит „Чија си“, кој беше прогласен за песна на минатиот милениум.
Структурирана хронолошки, книгата ги следи испреплетените патишта на животот и на музиката на Димитров. Личните искуства, творечките предизвици и песните што го обележале неговиот опус се поврзуваат во приказна за уметникот зад мелодиите што со децении живеат во колективната меморија. Преку авторизираниот биографски запис, Максим Ристески го осветлува и она што музиката не го кажува директно – човекот зад песните и патот по кој тие стигнале до публиката.
Насловот на книгата е преземен од антологиската песна „Чија си“, еден од најголемите хитови на Славе Димитров. Нејзината приказна започнува во 1969 година во Битола, кога Димитров ја компонирал музиката.
Авторот Максим Ристески (1973) повеќе од 30 години се занимава со пишување како новинар, копирајтер, текстописец и сценарист.
































