Македонија мора да рече не за етнизација на политиката, не за етнички квоти и да за систем на заслуги во кој ќе има место и за етнички Албанци или Турци или за кој било друг за премиер и претседател како кандидати на меѓуетнички коалиции или граѓански партии
Демократската унија за интеграции (ДУИ) веќе по правило пред сите избори предлага тема со која успева да заземе простор во јавната расправа. Минатите парламентарни избори тоа беше „Pse Jo“ (Зошто да не?) за премиер етнички Албанец. За овие избори ДУИ се обидува со темата за избор на претседател во Собранието. Иако ДУИ и во минатото настапувал со предлогот за избор на претседател во Собранието, овој пат тоа е повеќе реакција на етнички „Албанец за претседател“ на опозициската коалиција „Европски сојуз за промени“. За да не остане со помали предизборни ветувања ДУИ го модифицира етнички „Албанец за претседател“ во претседател и заменик-претседател што се избираат во Собранието со двотретинско мнозинство и Бадентерово мнозинство. Етнички „Албанец за претседател“ и претседател и заменик-претседател што се избираат во Собрание со двотретинско мнозинство и Бадентерово мнозинство, суштински се разликуваат, при што првиот може да биде политички легитимен, додека вториот ќе води во „либанизација“ на Македонија.
Пред да поминам на тоа зошто двата предлога се различни, кратко за евтиниот предизборен популизам на ДУИ. За предлогот на ДУИ е потребно да се смени Уставот. Колку за потсетување, додека постоеше „Фронтот за ЕУ“, ДУИ беше против во расправата за уставните измени да се вклучат измени на членот за албанскиот јазик, односно „јазик што го говорат 20 проценти“. Тогаш бараше само „Бугари во Устав“, за да не се отежнат уставните измени и ЕУ-патот. Дали со значајна промена на функцијата претседател, уставните измени од невозможни се прават крајно невозможни и со тоа ДУИ се откажува од ЕУ-патот?
Назад, зошто се различни? Не е тоа поради субјективност кон ДУИ или опозициската коалиција „Европски сојуз за промени“. Етнички „Албанец за претседател“ е легитимна политичка цел, та дури и да се избира во Собранието, а не на директни избори, сѐ додека не постојат етнички квоти за тоа. Доколку етнички „Албанец за претседател“ е дел од политичка еволуција во која политичар од тоа етничко потекло има заслуги и биде поддржан, зошто не? Тука за илустрација се употребуваат споредби со изборот на Барак Обама за претседател на САД, но за потсетување, Барак Обама е избран за претседател на директни избори и како предлог на главна политичка партија, а не на политичка партија на обоени луѓе.
И избор на претседател во Собранието може да биде политички легитимен, иако се разликува од одредениот политички систем со Уставот. Во поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, во Македонија постои еден чекор понатаму и во извршната власт има две власти, Владата и претседателот на Републиката. Идејата е претседателот да биде на проверка и баланс на Владата, во надворешната политика, одбраната, Народната банка и судството, и со правото на вето на Собранието. Ваквите моќи се поддржани и со директни избори, наместо избор во Собранието, кое е одраз на моменталното политичко мнозинство. Имавме и ние претседател избран во Собранието, Киро Глигоров. Имаат и многу други држави претседатели избрани во собрание, како Грција или Германија, но во овие држави претседателите се со уште поограничени моќи, сведени на протокол. Дискусијата за избор на претседател во Собранието обично е поврзана со проблемот на постигнување на одзивот, кој веќе еднаш се намали од 50 на 40 проценти. Во услови на голем број на државјани иселени од земјата, односно многу гласачи не се во земјата, уставниот праг од 40 проценти во реалноста е над 50 проценти. За постигнување на изборниот праг често со поврзува вториот круг на претседателски избори со парламентарни избори или други избори. Секако темата за избор на претседател во Собранието е посуштинска од предизборна тема.
Но ДУИ не бара етнички „Албанец за претседател“, туку бара претседател и заменик-претседател што се избираат во Собранието со двотретинско мнозинство и Бадентерово мнозинство. Тоа веројатно практично значи етничка квота за избор на етнички Македонец за претседател и на етнички Албанец за заменик-претседател. И тоа со двотретинско мнозинство и со Бадентерово мнозинство. И тоа е вовед во „либанизација“ на Македонија. Либан е прекрасна земја што има воспоставено верски квоти при што претседателот е маронит (христијанин), претседателот на Владата е сунитски муслиман, а претседателот на Собранието е шиитски муслиман. Со верските квоти е ограничена конкуренцијата, се попречува подемот на заеднички или граѓански партии, политичкиот избор е сведен на договарање во тесни политички елити, што води во распространета корупција и големи слабости во владеењето на правото. Звучи познато? Либан над две години нема избрано претседател. Либан нема претседател, но има економски колапс со инфлација од 270 проценти и еден од најголемите долгови во светот (трето место по задолженост).
За илустрација на блокада на политичкиот систем, што би се случило ВМРО-ДПМНЕ да побара градоначалниците наместо на директни избори да се избираат во советите на општините со двотретинско и Бадентерово мнозинство. И да има заменик-градоначалник. Тоа би значело дека, на пример, во Тетово ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да даде согласност за градоначалник, а заменикот да биде нивен предлог. Во реалноста, наместо конкуренција, би добиле тесно партиско договарање на функциите. И да, ДУИ не сака етнички „Албанец за претседател“. ДУИ како со сегашниот пример за премиер Албанец покажа дека не сака етнички Албанец, туку ДУИ-премиер. На ДУИ му е неопходно да има претседател и заменик-претседател избрани во Собранието, не за бидат етнички Албанци, туку кадри на ДУИ. И со таков начин да ги зголемат сопствената заштита и неказнивост за криминал и корупција, со уште една алатка – помилување.
Еден аргумент за избор на претседател на Републиката и градоначалници, на директни избори со мнозински начин на избор. Ваквиот начин на избор фаворизира умерени кандидати што можат да привлечат гласачи и надвор од партиските, етничките гласачи. И тоа има медијативно, смирувачко влијание во политичкиот систем. Македонија мора да рече не за етнизација на политиката, не за етнички квоти и да за систем на заслуги во кој ќе има место и за етнички Албанци или Турци или за кој било друг за премиер и претседател како кандидати на меѓуетнички коалиции или граѓански партии.
Авторот е аналитичар и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Избори2024