Во Белград денеска започна дводневен експертски состанок на претставници на врховните ревизорски институции од Србија, Северна Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Словачка, посветен на зајакнување на регионалната соработка и спроведување заеднички ревизии за користењето на јавните средства во рамки на Целите за одржлив развој, пренесе МИА.
Како што соопшти Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), фокусот е ставен на локалното ниво и на унапредување на транспарентноста и одговорноста при трошењето јавни средства.
Генералниот ревизор и претседател на Државната ревизорска институција на Србија, Ивица Гавриловиќ, оцени дека Целите за одржлив развој претставуваат „можност за сите нас“ и порача дека за нивно успешно спроведување е потребна соработка меѓу институциите, граѓанскиот сектор, академската заедница и донаторите.
Тој истакна дека еден од очекуваните резултати од партнерството со УНДП е формирање регионален форум на високо ниво, кој би служел како платформа за континуиран дијалог, размена на искуства и побрзо исполнување на развојните цели.
Претседателот на Комисијата за финансии, републички буџет и контрола на јавните расходи на Народното собрание на Србија, Верољуб Арсиќ, нагласи дека и парламентите и ревизорските институции имаат заедничка задача – да обезбедат јавните средства да се користат таму каде што ќе имаат најголем ефект врз квалитетот на живот на граѓаните.
Настанот се организира во рамки на регионалниот проект „Паметно финансирање за одговорно локално управување“, што со поддршка на Словачка го реализираат Програма за развој на Обединетите нации и нејзините регионални и национални канцеларии во повеќе земји од регионот. Проектот има за цел подобрување на ревизиите поврзани со одржливиот развој, спречување корупција и јакнење на локалните механизми за контрола и транспарентност.



































