Фото: Министерство за култура

Со концерт на камерниот ансамбл Консонанс во престижниот амбиент на „Хорти Салустијани“ во Рим, свечено беше заокружено годинашното чествување на сесловенските просветители во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.

Зоран Љутков, кој беше дел од државно-црковната делегација, истакна дека делото на светите браќа Св. Кирил и Св. Методиј претставува траен духовен и цивилизациски темел на словенската писменост, култура и идентитет, пренесе МИА.

-Нашата земја е духовен мост и светилник што со векови го чува пламенот на словото – порача Љутков, нагласувајќи дека македонското духовно и културно наследство продолжува да живее преку јазикот, уметноста и традицијата.

Тој посочи дека Рим е симболично место за оддавање почит на сесловенските просветители, чие дело и денес ги обединува народите преку вредностите на словото, верата и културата.

Осврнувајќи се на значењето на уметноста, Љутков ја истакна музиката како универзален јазик што ги надминува границите и ги поврзува луѓето преку емоција и духовност. Според него, ансамблот „Консонанс“ преку својот настап испратил силна порака за културниот континуитет и богатството на македонската традиција.

Чествувањето во Рим државно-црковната делегација, предводена од Африм Гаши, го започнала со аудиенција кај Папа Лав XIV и средба со Пјетро Паролин.

Во рамки на програмата, во базиликата „Сан Клементе“ бил одржан молебен на гробот на Св. Кирил, а делегацијата ја посетила и папската базилика „Санта Марија Маџоре“, каде бил положен венец на спомен-плочата испишана на македонски јазик.