Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј – 24 Мај, традиционално, по третпат, беше одбележан со пригодна културна манифестација одржана вчера во македонската амбасада во Пекинг, во организација на амбасадорот Сашко Насев.

Дваесетина студенти од Универзитетот за странски студии во Пекинг што го изучуваат македонскиот јазик, под раководство на професорката Чен Цјао, рецитираа поезија од македонски поети на македонски, кинески и англиски јазик.

Наставничката од меѓународното училиште „Цинхуа“, Јасмина Џуровска-Блажеска, читаше говор за животот и делото на Свети Кирил и Методиј, при што истиот текст беше интерпериран и на кинески јазик од кинески актер.

– На 24 мај, славиме еден од најзначајните денови во културниот и духовниот календар на мојата земја и на многу други нации низ целиот свет. Ова е Денот на Светите Кирил и Методиј – Денот на словенската писменост и култура и Денот на образованието и учителите. Тоа е ден кога им оддаваме почит на двајца браќа кои, пред повеќе од единаесет векови, им го дадоа на словенските народи најголемиот дар што еден народ може да го добие: дарот на пишување на својот јазик.
Тука во Пекинг, град изграден врз една од најстарите континуирани книжевни традиции во светот, чувствувам длабока и природна сродност на овој ден. Секое писмо, секој знак, секоја буква ја носи во себе душата на еден народ. Денес, ве поканувам да ја откриете душата што двајца браќа од Солун и нивните посветени ученици од Охрид му ја дадоа на словенскиот свет – кажа во говорот Џуровска-Блажеска.

Во рамки на настанот беше отворена и изложбата „Цутови од слива“ од македонскиот сликар Зоран Поповски кој живее и работи во Хонгконг, фокусирана на темите за историска слоевитост и дигитална симбиоза.

Настанот, како и вообичаено, беше збогатен со музичка изведба на „Македонско девојче“ на труба, од страна на Адам Матејек од САД.

– Секогаш ги ценев топлината и гостопримството на македонската заедница во Пекинг и беше привилегија повторно да го прославам Денот на Светите Кирил и Методиј со нив. Настани како овој ја истакнуваат важноста на зачувувањето на културните традиции, а воедно и нивното споделување со меѓународната заедница – кажа Матејек.

На настанот присуствуваа претставници на македонската заедница во Пекинг, амбасадорите од Босна и Херцеговина, Хрватска, Албанија, Летонија, Непал, како и гости и од САД, Канада, Полска, Намибија и од Бразил. Гостите, меѓу кои беа претставници на дипломатскиот кор, на бизнис и на научната заедница, имаа можност да пробаат и традиционални специјалитети од македонската кујна, како и македонско вино.