Негувањето на мајчиниот јазик, во нашиот случај македонскиот јазик, има и суштинско значење за зачувување на културата и националните особености. Тоа се потврдува од неколку релевантни научни истражувања што укажуваат дека мајчиниот јазик позитивно се одразува кон зачувувањето на културното наследство и идентитетот на детето, како и на заедницата или нацијата. Преку мајчиниот јазик уште во раната возраст децата се поврзуваат со својата заедница и култура, преку развојот на чувството за припадност и позитивна слика за себе и заедницата или нацијата
Во прилог на одбележувањето на Денот на мајчиниот јазик
Во денешниот глобален свет способноста да се говорат повеќе јазици е суштинска, како за личниот така и за професионалниот напредок. Од политичка и економска гледна точка, општествата се меѓусебно поврзани и во тој контекст изучувањето странски јазик, како што е англискиот или кинескиот јазик, е важно за обезбедување подобри можности на образовен и професионален план. Но, повеќемина странски и домашни експерти нагласуваат дека учењето на мајчиниот јазик е исто така суштинско и не треба да се занемарува. Мајчиниот јазик, како што е македонскиот јазик, се учи од раѓањето и раното детство и се употребува во комуникацијата со семејството и пошироката заедница. Не смееме да заборавиме дека јазикот е нераскинлив дел од националниот и културниот идентитет на една личност.
Неколку странски научни истражувања потврдија дека изучувањето на мајчиниот јазик кај детето позитивно влијае врз севкупниот когнитивен развој и академски напредок и успех. Повеќе истражувања и анализи укажуваат дека децата што учат на својот мајчин јазик имаат подобар когнитивен развој и зголемени вештини за критичко размислување во споредба со оние што учат на странски јазик. Исто така децата што се научени да читаат и пишуваат на својот мајчин јазик има поголема веројатност да развијат силни вештини за описменување и да имаат повисоки академски достигнувања, во споредба со оние што учат на втор јазик. Учењето на мајчиниот јазик ги поттикнува ангажирањето и мотивацијата, односно децата преку изучувањето на мајчиниот јазик подобро го разбираат материјалот, а тоа доведува и до зголемена самодоверба и академска доверба.
Изучувањето на мајчиниот јазик има и суштинско значење за зачувување на културата и националните особености. Тоа се потврдува од неколку релевантни научни истражувања што укажуваат дека мајчиниот јазик позитивно се одразува кон зачувување на културното наследство и идентитетот на детето, како и на заедницата или нацијата. Преку мајчиниот јазик уште во раната возраст децата се поврзуваат со својата заедница и култура, преку развојот на чувство за припадност и позитивна слика за себе и заедницата или нацијата. Затоа Блаже Конески вели дека: „Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе можеме да сметаме дека имаме татковина. Како куќа, како дом, како огниште“.
Секој јазик претставува единствена перспектива на светот и ги одразува искуствата на одредена заедница. Кога ќе се изгуби јазикот, се губи и вредната културна перспектива. Затоа е важно да се зачува и промовира јазичната говорна особеност, бидејќи само на тој начин идните генерации ќе се поврзат со сопствените национални и културни корени. Неколку истражувања потврдуваат дека мајчиниот јазик е срцето на националниот и културниот идентитет, како и поттик на личниот развој. Односно мајчиниот јазик на една личност е длабоко поврзан со културниот идентитет и наследство, а јазикот ги одразува традициите, вредностите, обичаите и историјата на заедницата или нацијата. Во оваа конотација, негувањето и користењето на мајчиниот јазик им помагаат на поединците да одржат силно чувство за себе и поврзаност со своите корени. Мајчиниот јазик е и мостот помеѓу генерациите во рамките на една заедница или нација, односно преку заедничкиот јазик се олеснува комуникацијата помеѓу родителите и децата, а преку тоа говорно општење се пренесуваат националните особености и културни вредности од една генерација на друга.
Податоците на Обединетите нации покажуваат дека низ светот се говорат околу 6.000 јазици, а 43 отсто од нив се сметаат за загрозени. Тоа може негативно да се одрази врз заедницата или нацијата, бидејќи преку исчезнувањето на мајчиниот јазик исчезнуваат и културните особености. Исчезнувањето на мајчиниот јазик може да се спречи преку институционална грижа, образованието и сл.
За оваа проблематика проф. д-р Елка Јачева-Улчар вели дека од најмала возраст кај младите луѓе треба да се негува љубовта кон македонскиот јазик и да се развива свеста дека македонскиот јазик има мал број говорители. Доколку сакаме да го негуваме и зачуваме мајчиниот јазик, тоа мора да го сториме ние, како поединци и заедница.
– За да се подигне јазичната култура во основното и средното образование, треба помалку граматика, а повеќе пишување, читање, раскажување и пеење на јазикот. Државата треба да се погрижи за креирање повеќе медиумски содржини за најмладата македонска популација, содржини што ќе бидат достапни и за Македончињата од дијаспората – вели Улчар. Д.Ст.
На секои две недели исчезнува по еден јазик
Неколку релевантни извештаи на Обединетите нации посочуваат дека на секои две недели исчезнува по еден јазик, а многу други јазици се изложени на ризик од исчезнување. Обединетите нации и други меѓународни институции преземаат одредени активности што се насочени кон зачувување на околу 6.000 јазици низ светот, во таа насока е и агендата за одржлив развој на јазиците. Според Обединетите нации, ревитализацијата на јазиците е од суштинско значење, бидејќи на тој начин се овозможува зачувување на културите, обичаите и историјата на народите низ светот. Зачувувањето на јазиците е од клучно значење за да се обезбедат заштита на културниот идентитет и достоинството на народите и заштита на нивното традиционално наследство, се посочува во неколку извештаи.
Зачувувањето на јазиците е и агенда на УНЕСКО, од каде што се посочува важноста на културната и јазичната разновидност за одржливоста на општествата. Од оваа специјализирана агенција на Обединетите нации се истакнува дека тие имаат мандат за мир и затоа работат на зачувување на разликите во културите и јазиците што поттикнуваат толеранција и почит кон другите. Во извештаите на УНЕСКО се посочува дека јазичната разновидност е сѐ повеќе загрозена како што исчезнуваат сѐ повеќе јазици. На светско ниво, 40 отсто од населението немаат пристап до образование на јазик што го зборуваат или разбираат. Од УНЕСКО исто така се посочуваат научни студии што потврдуваат дека учењето на мајчин јазик е од суштинско значење за успехот на училиште. Тоа ја зголемува самодовербата, ја буди љубопитноста уште од мали нозе и го олеснува когнитивниот развој.
Темата на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик во 2024 година е „Мултијазичното образование е столб на меѓугенерациското учење“. Денес 250 милиони деца и млади сè уште не посетуваат училиште, а 763 милиони возрасни не ги совладале основните вештини за описменување. Образованието на мајчин јазик ги поддржува учењето, писменоста и усвојувањето дополнителни јазици.