Фото: Маја Јаневска-Илиева

Водечкиот хрватски дневен весник „Вечерни лист“ на своите читатели им го нуди Скопје како супервикенд-дестинација.
– Капучино е помалку од две евра, а цел оброк чини само 6,5 евра. Најевтиниот скриен бисер во Европа се наоѓа во близината на Хрватска – пишува Вечерни лист.
Хрватскиот медиум пишува дека главниот град Скопјe особено е прифатлив за лицата што сакаат да патуваат со ограничен буџет. Оброк во поевтин ресторан чини околу 6,50 евра, капучино чини помалку од две евра, а шише вода чини нешто повеќе од едно евро.
– Како што цените на авионските билети растат поради нестабилноста на Блискиот Исток и повисоките цени на горивата, нова студија откри кои европски дестинации нудат најприфатливи викенд-одмори за соло-патници – а Македонија е на врвот на листата. Според анализата на „Соло фимејл тревлерс“, викенд-одмор за едно лице во балканската земја може да чини само 52,38 евра, што ја прави најевтина дестинација во Европа за кратко бегство. Покрај прифатливите цени, земјата се издвојува и како една од најбезбедните во светот според Глобалниот индекс на мир – пишува „Вечерни лист“.
Студијата опфатила 49 европски дестинации и анализирала секојдневни трошоци како што се оброци во ресторан, кафе, вода, локален превоз, билети за кино и ноќевања во еднособен стан во центарот на градот.
– Главниот град Скопјe се покажа како особено прифатлив за патници со ограничен буџет. Охрид, познат по своето истоимено езеро, стариот град и достапното сместување, исто така е многу популарен меѓу туристите. Во последниве години, земјата стана еден вид скриен бисер на Балканот за патниците што сакаат комбинација од безбедност, природа и ниски трошоци. Босна и Херцеговина се најде на второто место на листата, каде што викендот за соло-патник чини околу 54,66 евра, по што следуваат Молдавија и Србија. Од друга страна како најскапа европска дестинација се покажа Лихтенштајн, каде што викендот може да чини дури 222,66 евра – повеќе од четири пати поскапо од одмор во Македонија. Швајцарија е веднаш зад неа – пишува хрватски „Вечерни лист“.