Фото: ЕПА

Босна и Херцеговина

Илегалните мигранти што преку Босна и Херцеговина се обидуваат да стигнат до Европската Унија почнаа да прибегнуваат кон различни насилни методи за гранични преминувања во Хрватска. Така, на пример, со моторни возила влегуваат преку граничните премини додека со полна брзина бегаат од полицијата и ги загрозуваат животите на службените лица и на цивилите на премините. Оваа информација ја потврдија и од граничната полиција на Босна и Херцеговина и од хрватското министерство за внатрешни работи, со соопштение дека новите тактики на илегални мигранти се евидентирани од почетокот на годинава, период во кој околу 1.600 мигранти биле спречени во обидот да ја преминат нелегално границата.
Мигрантите наоѓаат комбиња, а потоа се обидуваат со голема брзина да поминат низ патиштата преку помалку фреквентни гранични премини, игнорирајќи ја полицијата, која се обидува да ги спречи. Неколку одделни инциденти од овој тип се забележани на граничните премини што гравитираат кон Босанска Градишка и Унско-санската жупанија во Босна и Херцеговина, на крајниот северозапад од таа земја, каде што е и најголемата концентрација на мигранти што пристигнуваат преку Србија и Црна Гора. Два случаја на насилни гранични премини се евидентирани и на премини наменети за локалното население, јавува порталот „Кликс“.
Во соопштението на МВР на Хрватска се наведува дека премините Боговоља-Хаџин Поток, Пашин Поток-Заград и Кордунски Љесковац-Тржачка Раштела станале цел на илегални мигранти. Во еден таков случај на обид за насилно преминување на границата во месноста Слуњ, за малку ќе настрадала полицајка. – На граничниот премин имаше полициска службеничка што скокна настрана за да не ја удри возило. По тоа, полициски службеници го запреле возилото на подрачјето на општината Цетинград, при што возачот побегнал, но набрзо бил фатен – соопшти хрватското МВР, наведувајќи дека, во соработка со граничната полиција на БиХ, сега презема мерки за да спречи нови обиди за насилно преминување на границата.
Граничната полиција на Босна и Херцеговина потврди дека досега уапсила неколку лица што учествувале во вакви инциденти и дека веќе презема дополнителни мерки, вклучувајќи и заеднички полициски патроли. Граничната полиција на БиХ има хроничен недостиг од луѓе и опрема и тешко се справува со проблемот со илегалната миграција. Годинава Европската Унија обезбеди донација од 6,4 милиони евра за потребите на таа агенција, а властите во БиХ отворија преговори и со Европската агенција за крајбрежна и гранична стража (Фронтекс) за да се постигне договор за ангажман на полицијата со офицери од ЕУ за поефикасна контрола на илегалната миграција.