Фото: Пексел

Смислата на Меѓународниот суд е дека домашното право и институциите не можат да излезат накрај со сложен проблем во дадена ситуација и дека од тука него го презема еден наднационален суд (Хашкиот трибунал) за да го реши случајот растоварен од проблемите на националните институции. Во еден ваков контекст, некои од нашите соговорници, професори, од позиција на принципиелни легалисти, до денес јавно се прашуваат „зошто ни ги вратија хашките случаи“ и го носат впечатокот дека оттаму ни направија некоја „дупла финта“!?

Дебата на правните експерти, интересни ставови и мислења за „случаите на воени злосторства и злосторства против човештвото во Македонија“

Пораката за активирање на т.н. хашки случаи за воени злосторства од 2001 година, испратена од Советот на Европа во Македонија, отвори повеќе правна дебата за смислата и начинот на реактивирање на правосудниот процес, запрен со една мошне политичка интервенција на Собранието со автентичното толкување на Законот за амнестија. Јавната дебата засега е повеќе меѓу правните експерти, додека политичките чинители (партиите) најмногу реагираат со премолчување и игнорирање на пораката од меѓународната заедница за расчистување со минатото преку процесирање на правдата за извршени воени злосторства врз цивили.
Актуелниот технички премиер на македонската влада, Талат Џафери (и самиот активен учесник во инкриминираните настани од 2001 година, опфатени во некои од четирите предмети вратени од Хашкиот трибунал), во неколку наврати реплицира дека „хашките случаи се законски завршена приказна“. Спорниот момент во ваквиот одговор е дека станува збор за воени злосторства врз цивили, кои, според меѓународното право – никогаш не застаруваат, без оглед на хибридното политичко легализирање на „простувањето“ преку Закон за амнестија и со негово дополнително автентично толкување.

Професор Калајџиев: Меѓународниот суд исто нѐ изигра!

Хашките случаи, кои опфаќаат злосторства против човештвото, сторени од припадници на паравоени милитанти на војската што се нарекуваше ОНА (УЧК) во воениот конфликт од 2001 година во Македонија, во голема мера не ѝ служат на чест ниту на меѓународната правда. Тие четири случаи, во 2008 година, беа вратени од Трибуналот во Хаг за воени злосторства на просторите на поранешна Југославија за да бидат процесирани во македонското правосудство, откако претходно истиот трибунал осуди за слични дела припадници на легитимните одбранбени сили на државата, која имаше право да се брани од агресијата на парамилитантите.
– Ситуацијата беше правно нејасна. Меѓународниот суд исто нѐ изигра. Смислата на Меѓународниот суд е дека домашното право и институциите не можат да излезат накрај со сложен проблем во дадена ситуација и дека од тука него го презема еден наднационален суд за го реши случајот растоварен од проблемите на националните институции. Секогаш се чудев зошто ни ги вратија хашките случаи и мислам дека ни направија некоја „дупла финта“. Ние со текот на времето не станавме „кадарни“, во смисла дека сме ги надминале проблемите, сме закрепнале институционално, меѓуетнички… и дека сега ќе ги затвориме без проблем. Повеќе или помалку од прагматичен аспект, секој разумен човек ќе сфати, или ќе се согласи дека ако се запнеме сега да ги судиме овие случаи, ќе направиме повеќе проблеми отколку што ќе најдеме решение. Односно, ќе се заглавиме во минатото. Навистина, филозофијата на казненото право и на казнувањето на воени злосторства е дека мора некои работи сепак да се решат за да се оди напред. Но тоа се прави како што е направено по Втората светска војна – по завршувањето на војната беа осудени генералите… Од друга страна, никој не ги осуди Американците за атомските бомби врз Јапонија… Така што ниту меѓународната правда не е идеална, па ниту решението за хашките случаи не е идеално. Во секој случај остана горчина дека меѓународниот суд ни направи „дупла финта“ – го изнесе своето гледиште во едно медиумско излагање универзитетскиот професор по кривично право Гордан Калајџиев.

Правната литература и практика се неоспорни: Такви тешки злосторства против човештвото не можат да подлежат на амнестија и помилување

Покрај дилемите за капацитетот на македонското правосудство и државните институции да ги процесираат и да ја спроведат јасно правдата за хашките случаи, професорот Калајџиев укажува дека, според правната литература и практика, е неоспорно дека такви тешки злосторства против човештвото не можат да подлежат на амнестија и помилување.
– Во времето кога се носеше амнестијата, бев на ставот дека за такви случаи не е дозволена амнестија и не го одобрувавме начинот на кој се затвори прашањето тогаш. Тоа го поткрепувавме со јуриспруденцијата на меѓународните судови и правната литература, каде што е неоспорно дека меѓународните злосторства, тортурата во судските егзекуции… се такви тешки злосторства, кои не можат да подлежат на амнестија и помилување, генерално. И за тоа има јуриспруденција на меѓународните судови, особено богата на оние судови во Америка, односно Интерамериканскиот суд, сличен на Европскиот суд за човекови права, па мислам и на Комитетот за човекови права на Обединетите нации. Така што во литературата, тоа е неоспорно – злосторствата против човештвото не можат да подлежат на амнестија! – вели професорот Гордан Калајџиев.

Злосторствата против човештвото во Македонија не се завршена приказна

Универзитетската професорка по уставно право, Татјана Каракамишева-Јовановска, поранешната членка на Венецијанската комисија, на актуелниот технички премиер Џафери му возврати со свој дециден став.
– Злосторствата против човештвото не застаруваат и не можат да бидат предмет на амнестија! Тоа што некој згрешил во минатото и амнестирал злосторници, не ја намалува тежината на сторените дела! Злосторствата против човештвото во Македонија НЕ СЕ ЗАВРШЕНА ПРИКАЗНА! Тие се крај на почетокот! – јасна е универзитетската професорка по уставно право Татјана Каракамишева-Јовановска.
Според повеќе правни експерти со кои се консултиравме, заеднички став е дека постои голема можност (индиции) и самиот Џафери да биде опфатен со предметот „Раководството на ОНА“, еден од четирите хашки случаи, за кои комесарката за човекови права при Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, побара од македонската влада поништување на амнестијата.