Фото: Маја Јаневска-Илиева

Политичките партии го искористија вчерашниот ден за номинирање на своите кандидати за иден претседател на Македонија.
Според досегашните пријави, на претседателските избори силите ќе ги одмерат: Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски од СДСМ, Билјана Ванковска од Левица, Максим Димитриевски од ЗНАМ, Арбен Таравари од албанската опозиција, Бујар Османи од ДУИ, Мерсиха Смаиловиќ од Бошњачкиот демократски сојуз, Стевчо Јакимовски од ГРОМ и Вело Марковски како независен кандидат.
Најголемиот дел од нив својата кандидатура ќе ја потврдат откако ќе соберат 10.000 потписи бидејќи немаат поддршка од 30 пратеници во Собранието. Колкумина ќе успеат да ги соберат потребните потписи ќе се види во следниот период, бидејќи процедурата за тоа започнува денеска, а ќе заврши на 8 март.
Правилникот за собирање потписи на ДИК е објавен на веб–страницата на комисијата sec.mk, како и потребните документи. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари, за тоа и кон ова појаснување ќе бидат објавени и адресите на подрачните одделенија на ДИК пред кои се собираат потписите. Постапката почнува денеска и трае непрекинато секој ден. Подрачните одделенија ќе работат во две смени.
Кампањата за претседателските избори започнува на 4 април, првиот круг е на 24 април, додека вториот круг од изборите е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.