Како домашните компании да го фатат чекорот на онлајн продажбата
- Дека онлајн пазарењето станува сѐ попопуларно и во Македонија веќе покажуваат и официјалните податоци за растот на продажбата преку интернет, но останува енигма колку домашните компании ги користат придобивките на интернетот. Претседателката на Македонското здружение за е-трговија и Балканската алијанса за е-трговија, Нина Ангеловска, потенцира дека домашните компании треба дополнително да инвестираат во конкурентност, дигитален маркетинг, логистика, корисничко искуство и доверба, за да успеат да задржат поголем дел од побарувачката на домашниот пазар, но и да продаваат надвор од земјата
Пазарењето или купувањето преку интернет добива сѐ поголем интензитет и голем број компании се насочуваат кон промоции на социјалните мрежи, но и преку специјализирани платформи за продажба. Дека онлајн пазарењето станува сѐ попопуларно и во Македонија веќе покажуваат и официјалните податоци за растот на продажбата преку интернет, но останува енигма колку домашните компании ги користат придобивките на интернетот.
Домашните експерти го потврдуваат растот на онлајн пазарењето, тренд што е присутен и во Македонија, но и во развиените земји.
– Податоците се исклучително важни за развојот на е-трговијата, бидејќи овозможуваат да се следат трендовите, навиките на потрошувачите, предизвиците и потенцијалот на пазарот. Токму затоа, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија редовно ги анализира податоците од Народната банка и континуирано ги дисеминира преку соопштенија и анализи, а паралелно ги следи и другите релевантни домашни и меѓународни извори на податоци. Последните податоци на Народната банка покажуваат дека е-трговијата во земјата бележи силен раст и во 2025 година. Вкупната вредност на онлајн трансакциите достигна 950 милиони евра, што претставува раст од 32 отсто во однос на претходната година. Особено е значајно што кон домашните е-трговци се слеале 522 милиони евра, што укажува дека домашниот пазар постепено се развива и созрева – укажува Нина Ангеловска, претседателка на Македонското здружение за е-трговија и на Балканската алијанса за е-трговија.
Ангеловска објаснува дека најбрзо растат трансакциите кон странски платформи, со раст од 45 проценти, што покажува дека македонските потрошувачи сè повеќе купуваат и од глобални е-трговци. Наедно таа додава дека растот се гледа и кај бројот на трансакции, кој достигна 28,9 милиони, како и кај бројот на активни е-продавници во земјата.
Сѐ уште далеку зад европските земји
Ангеловска за „Нова Македонија“ појаснува дека Народната банка ја мери е-трговијата преку платежни трансакции со картички, додека податоците на Евростат ја мерат пошироката слика – односно колкав процент од интернет-корисниците купувале онлајн во последните 12 месеци, без разлика на начинот на плаќање, и потоа додава дека поради ова, двата извор се дополнуваат и овозможуваат подлабоко разбирање на состојбата.
– Според најновите податоци на Евростат за 2025 година, 60,3 отсто од интернет-корисниците во Македонија купувале онлајн, што ја позиционира земјата над дел од земјите во регионот, но и понатаму под просекот на ЕУ, кој изнесува 77,8 проценти. Србија е лидер во регионот со 65,9 отсто, додека Босна и Херцеговина има 54,8 проценти, Косово 59,2 отсто, а Албанија и Црна Гора остануваат под 50 проценти. Овие податоци покажуваат дека е-трговијата во регионот има силен потенцијал за раст, но и дека сè уште постои значителен простор за унапредување на довербата, дигиталните вештини, логистиката и дигиталните плаќања. Она што е особено значајно е што растот не се однесува само на купување од странски платформи, туку постепено се зголемува и бројот на домашни компании што продаваат онлајн. Тоа покажува дека дигиталната трансформација на пазарот веќе не е иднина, туку реалност што отвора нови можности и за компаниите и за потрошувачите – нагласува Ангеловска.
Расте онлајн пазарувањето, но повеќе кај странските компании
Иако онлајн купувањето континуирано расте, често се поставува прашањето колку домашните компании навистина продаваат онлајн. Податоците покажуваат дека и на страната на понудата има позитивни придвижувања.
Според Народната банка на Република Македонија, во 2025 година во Македонија има вкупно 1.829 трговци со виртуелни продажни места, додека активни е-продажни места се 1.396, што е за 84 повеќе во однос на претходната година.
– Ова значи дека сè повеќе компании отвораат и активно користат онлајн канали за продажба, а дополнително голем дел ги нудат своите производи онлајн преку маркетплејс-платформи. Асоцијацијата за е-трговија го води единствениот Регистар на е-трговци, кој се ажурира во соработка со петте банки што нудат процесирање на е-трансакциите. Регистарот овозможува увид во активните домашни е-продавници и нивна категоризација, што придонесува за поголема транспарентност и доверба кај потрошувачите. Сепак, и покрај растот на бројот на е-трговци, предизвик останува фактот што значителен дел од онлајн трошењето на граѓаните сè уште завршува кај странски платформи – нагласува Ангеловска.
Нашата соговорничка потенцира дека домашните компании треба дополнително да инвестираат во конкурентност, дигитален маркетинг, логистика, корисничко искуство и доверба за да успеат да задржат поголем дел од побарувачката на домашниот пазар, но и да продаваат надвор од земјата.
– Најважно е компаниите да гледаат на е-трговијата како на долгорочна инвестиција, а не само како дополнителен продажен канал. Потребно е да вложуваат во квалитетно корисничко искуство, професионални е-продавници, дигитален маркетинг, аналитика и доверба кај потрошувачите. Денес не е доволно само да се биде присутен онлајн, важно е да се биде видлив, конкурентен и лесно достапен. Исто така, компаниите треба повеќе да користат податоци за навиките на потрошувачите, да инвестираат во брендирање и да нудат производи со додадена вредност. Интернетот овозможува и малите компании да стигнат до многу поширока публика, но само ако имаат јасна дигитална стратегија – нагласува Ангеловска.
Таа наедно потенцира дека вештачката интелигенција (АИ) станува сè поважна алатка за раст на онлајн продажбата. Ангеловска укажува дека денес АИ им помага на компаниите подобро да ги разберат потребите на потрошувачите, да нудат персонализирани препораки, да ја автоматизираат комуникацијата со клиентите и поефикасно да управуваат со маркетингот и резервите.
– Компаниите што навреме ќе ги прифатат овие технологии ќе имаат значително поголема конкурентска предност, особено на странските пазари каде што конкуренцијата е многу поголема.
Македонските компании сè повеќе покажуваат интерес за излез на глобалните дигитални пазари, но и понатаму постојат сериозни ограничувања што ја отежнуваат прекуграничната е-трговија. Иако дел од глобалните платформи формално овозможуваат регистрација на продавачи од Македонија, домашните компании во пракса се соочуваат со предизвици поврзани со процесирање на плаќањата, ограничената функционалност на одредени глобални платежни сервиси, како и логистички и административни бариери. Токму затоа, за поголема конкурентност на македонските е-трговци е потребно дополнително унапредување на дигиталната и платежната инфраструктура, но и подобра интеграција со глобалните екосистеми на е-трговијата – појаснува Ангеловска.
Што ги кочи домашните компании да пласираат преку интернет
Ангеловска објаснува дека одговорот е комплексен, бидејќи предизвиците постојат и на страната на понудата и на страната на побарувачката.
– Домашните компании треба континуирано да ја зголемуваат и да ја унапредуваат својата онлајн понуда, да инвестираат во подобро корисничко искуство, дигитален маркетинг, логистика, брза испорака и доверба кај потрошувачите. На глобалниот дигитален пазар, конкуренцијата е огромна и потрошувачите очекуваат брза, едноставна и сигурна услуга. Но предизвикот не е само кај компаниите. Иако граѓаните во регионот се високоповрзани на интернет и секојдневно користат социјални мрежи и дигитални услуги, сè уште постои недостиг од дигитални вештини и доверба во онлајн трансакциите. Особено важен фактор е ниското користење дигитални плаќања, односно плаќање во кеш при достава, што директно влијае врз развојот на е-трговијата – нагласува Ангеловска.
Според неа, ова придонесува земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, и понатаму да заостануваат зад развиените европски пазари. Таа нагласува дека за побрз развој не е доволно само компаниите да продаваат онлајн, туку потребно е паралелно да се јакнат дигиталните вештини, довербата, финансиската дигитализација, институционалната поддршка и целокупниот дигитален екосистем. Е.Р.































