Петар Поп Арсов

ОД ЃУРЃОВДЕН ДО МИТРОВДЕН

  • Поп Арсов го разбива митот за „ослободителната“ мисија на соседите и децидно посочува дека македонскиот народ не смее да биде објект на туѓи политики. Тој отпор кон „стамболовштината“ не беше само теоретски туку тој директно го подготви теренот за основањето на Тајната македонско-одринска револуционерна организација. Принципот стана јасен: ослободувањето на Македонија не може да биде проект на ниту една балканска монархија, туку исклучиво автономно дело на самиот народ

Брошурата „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“ од Петар Поп Арсов претставува еден од најважните политички документи во македонската историја. Објавена во 1894 година, таа не е само критика на политиката на Бугарската егзархија туку јасен манифест на македонската политичка самобитност. Овој труд го означува моментот кога младата македонска интелигенција отворено и аргументирано им се спротивстави на странските пропаганди. Под превезот на црковно-просветно дејствување, владата на Стефан Стамболов во Софија, преку Егзархијата, спроведувала политика на строга централизација во Македонија. Целта била уништување на локалната самоуправа во македонските црковно-училишни општини, маргинализирање на македонските учители и задушување на секоја форма на автохтоно дејствување. Петар Поп Арсов, под псевдонимот Вардарски, ја дијагностицирал оваа политика како директен обид за наметнување туѓи државни интереси врз грбот на македонскиот народ.
Како победник во своето царство, Стамболов посака со својата нечиста рака да посегне и врз самата Егзархија во Цариград. Познато е дека туѓите весници, особено австриските и англиските, го величаа и го величаат Стамболов како „бугарски Бизмарк“, „балкански Криспи“ и изнесуваа други ласкави епитети за честољубивиот бугарски Нерон, кои многу пријатно му звучат на неговото уво, а истовремено се многу прифатливи за штедрите во тој однос туѓинци. Како последица на тие ласкања од страна на заинтересираните туѓинци, Стамболов си беше помислил дека навистина тој е повикан од провидението да ја игра улогата на бугарски „Бизмарк“…
Славата на Бизмарк се состои главно во обединувањето на Германците под Прусија преку училиштата и училишните друштва – шулферајните: така и импровизираниот „бугарски Бизмарк“ – дивиот Стамболов – во прв план посака да го постави обединувањето на Бугарите врз истите основи и средства. Тоа е една идеја, како што гледате, за која треба да ракоплескаат осознаените Бугари… При сето тоа, ние да му ракоплескаме на Стамболов, зошто бугарскиот народ многу порано од раѓањето на Стамболов беше дошол до сознанието дека само училиштето е во состојба да ги држи моралните врски помеѓу Бугарите во сите краишта на татковината и тоа најпосле ќе послужи за постигнување на крајната цел. И не само што не ракоплескаме, ами го осудуваме и со нас заедно треба да го осуди целиот бугарски народ, особено македонските Бугари, бидејќи и во тој свет на бугарски идеал Стамболов ги замеша својот егоизам и безумие. Тој тиранин, кој не остави ништо свето за Бугаринот неизвалкано, за задоволување на својата жед за власт посака да се послужи и со училишното дело во Македонија. Тој блудник, кој си поигра со честа, животот и имотот на своите сотатковници во кнежевството, посака да го направи истото и со нас Македонците во сопствената наша татковина – Македонија. И се најдоа ниски луѓе, од него изгонети од Бугарија, кои ќе му услужат! Тоа можеби ќе му изгледа неверојатно на читателот, но нека не се чуди: на овој свет сè е возможно, уште повеќе кај нас, каде што луѓето повеќе мислат со своите чкембиња, па и К’нчев може да инспекторува, и Максим да владикува, и Наследников, Сарафов, Х. Иванов, Рачев и други да директоруваат и сл. и сл., а узурпаторот Лазаров да начелникува…
Уверен во својата семоќност, Стамболов, кој има голема слабост да се идентификува себеси со општобугарскиот идеал, го испрати во Цариград познатиот ретроград Лазаров, против кого во Бугарија беше станало сè што е чесно, со мисија да го одземе од егзархот училишното дело во Македонија, да го претвори училишниот оддел во Стамболовски шулферајн…

Одземете му го на човека полето на дејствување – тој е веќе мртов: така и нашата „љубезна“ Егзархија со своите два оддела, стремејќи се на нашите општини да им го одземе благородното поле за работа, преку својот авторитет, сака да ги умртви, да ги убие! … На помош, сите чесни Македонци! Дојдете да ги спасиме умирачките општини во Македонија, со што сакаат да нѐ претворат во мртов труп за да си играат со нас, како што сакаат божемните наши браќа!… Ох, грозно! … Грозно е братоубиството! … Нашите вековни господари никогаш не задирале во нашето општинско самоуправување: макар и под грчки владици, нашиот народ во општините бил слободен во издржувањето и уредувањето на училиштата, црквите, манастирите и други народно-општествени прашања; тука, во тоа свето гнездо, народот се воспитувал во општественост, во хуманизам и на својот дух му давал повозвишен елан, престанувајќи да се грижи само за својата лична егзистенција; тука, во тој единствен наш парламент, се чувал и зајакнувал стариот словенски демократски дух на нашиот народ – основата на патријархалниот словенски совет. И точно таа наша општина – единствена народна установа што ја зачувала нашата национална и човечка физиономија низ петстотинигодишниот период, Егзархијата со секакви средства сака да ја претвори во нула, да ја задуши, да го задуши народниот дух!!!… Може ли да има поголемо злосторство од тоа?
– Кој ти ги извади очите? – Брат ми.
– Затоа толку длабоко ти ги извртел!
Токму таква е нашата положба: ни даваат пари за да нѐ убијат… По врага со тие пари, ако убивајќи ги нашите општини … им натрапуваат севозможни претседатели, директори, учители и други, за да ги контролираат сумите – единствениот мотив на бугарската пропаганда!… Да, бугарската пропаганда! Егзархијата им ги доверува најважните служби на Бугари: владици, архимандрити, директори, инспектори, учители, деловодители, редактори итн., а од егзархиска служба ги отстранува совесните Македонци против кои се употребуваат сите дозволени и недозволени средства да бидат изгонети надвор од својата татковина… Co тоа „народната“ Егзархија совршено смислено се стреми да го ликвидира секое посамостојно движење кај нас, на Македонецот да му одземе секаква можност да се занимава со повозвишени општествени прашања; да нѐ окове во синџири за да нѐ разигрува како мечка и да нѐ води таму од каде што ќе добие поголем бакшиш… На секој чесен Македонец, девиза нека му биде пред сѐ Мирскиот совет со чие формирање ќе се реши и прашањето за општинската самоуправа … да се знае кој е кум, а кој е старосват; што е Мирски совет, што е Егзархија, што е Синод, што е егзарх, што е општина, епархијален совет, владика, општински претседател, пансионска комисија и што е директор, инспектор, учител, гаваз, слуга; што е училишно и што црковно настојателство итн. Имајќи ги предвид годинашниве башибозуци во училишното дело, општиот впечаток што го прави училишниот оддел при Егзархијата е таков, што никогаш одделот не се напнувал до таков степен да се постави над волјата на општественото мислење како оваа година… Предавниците, развратниците, шарлатаните, подлеците кон кои и нивните пријатели чувствуваат презир и одвратност, одделот ги задржа и ги унапреди во службата, додека претставниците на законитоста, правдата и слободата или беа принудени да поднесат оставка или беа онеправдани низ понижување и преместување или, пак, беа изгонети од службата.

Од Одрин до Скопје нема град каде што оваа година одделот не извршил по неколку диви незаконитости.
Патриотизмот во ова дело лежи во интелектуалната храброст и бескомпромисната вистина. Поп Арсов го разбива митот за „ослободителната“ мисија на соседите и децидно посочува дека македонскиот народ не смее да биде објект на туѓи политики. Тој отпор кон „стамболовштината“ не беше само теоретски туку тој директно го подготви теренот за основањето на Тајната македонско-одринска револуционерна организација. Принципот стана јасен: ослободувањето на Македонија не може да биде проект на ниту една балканска монархија, туку исклучиво автономно дело на самиот народ. Историската тежина на „стамболовштината во Македонија“ покажува дека суштината на патриотизмот е способноста да се препознаат и отфрлат туѓите влијанија, дури и кога тие доаѓаат под маската на помош. Делото останува цврст доказ за раната свест за македонската државност и завет дека своето се брани пред сè со сопствен став и потпирање на сопствените сили.

М-р Никола Ристевски

(продолжува)