Иницијатива за разрешување на Арбен Таравари од претседател на Алијанса за Албанците е донесена на денешното централно собрание на партијата, што се одржа во Скопје. Ова на прес-конференција по завршување на состанокот го соопшти Зијадин Села, кој според статут е претседател на партиското собрание на АА.
– Го чекавме да дојде претседателот на партијата Таравари таму каде што припаѓа и каде што му е местото, а тоа е во ова централно собрание како највисок орган меѓу два конгреси. Тој не дојде. За жал, според ова, од страна на членови на централното претседателство, беше предложено дека е беспредметна точката од дневниот ред каде што претседателот треба да даде отчет за последните збиднувања во АА, по што таа беше тргната и беше ставена друга точка, односно иницијатива за разрешување на претседателот на партијата, според членот 48 од статутот на партијата – кажа Села.
Информира дека по таа точка од 108 присутни членови на централното собрание, 106 гласале „за“ иницијативата, еден бил против и еден воздржан.
Како последица и резултат на оваа одлука, другата точка беше да се оди на Конгрес што ќе се одржи на 18 февруари и каде што ќе се одлучува за иницијативата што ја донесе централното собрание на АА за разрешување на претседателот на партијата Таравари.