Фото: Н.М.

Преку циркуларно писмо испратено до сите грчки министерства, шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, „потсетува дека на 12 февруари годинава истекува петгодишниот „технички“ преоден период предвиден во член 1, став 10 од Договорот од Преспа“ во однос на документите за меѓународна употреба на Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Циркуларот што го објави порталот „ТВ Без граници“, од грчкото МНР е испратен до 19-те министерства во Грција.

– Од 13 февруари 2024, сите официјални документи и материјали на Северна Македонија за меѓународна употреба, односно пасоши, лични карти, возачки дозволи, документи за патнички и товарен транспорт, регистарски таблички, потврди итн., ќе треба да ја имаат само терминологијата од член 1 (3) од Договорот од Преспа. Во спротивно, нема да бидат прифатени од грчките власти – пишува во циркуларното писмо.

Шефот на грчката дипломатија посочува дека регистарските таблички на возилата треба да ја имаат ознаката „НМК“ или „НМ“.

До сите министерства апелира да ги преземат сите потребни дејствија за да ги информираат секретаријатите, директоратите и службите, како и управите и организациите под нивна надлежност.

Паралелно писмото содржи и информации на три јазици, грчки, англиски и француски, за уставното име во целина (Република Северна Македонија), за краткото име (Северна Македонија), државјанството (македонско/граѓанин на Република Северна Македонија) и кодовите на земјата („НМК“ или „НМ“ за регистарските таблици на возилата и „MK“ и „МКД“ за друга употреба).