Еден тон подмладок од крап денеска беше пуштен во водите на Преспанското Езеро, со што рибниот фонд е дополнет со речиси 7.000 млади единки добиени од икра на матици од самото езеро.
Порибувањето го спроведе регистрираното мрестилиште „Акватика“ од Неготино, со финансиска поддршка од 500.000 денари обезбедена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2026 година.
Министерот Борче Серафимовски истакна дека со оваа активност се поддржува обновата на локалната популација на крап и најави продолжување на инвестициите во зачувувањето на рибниот фонд и биодиверзитетот на Преспанското Езеро.
Инспектори од Државниот инспекторат за земјоделство го следеа процесот, при што извршија контрола на вкупната тежина на подмладокот и бројот на единките пуштени во езерото.
Директорот на Инспекторатот, Ивица Ангеловски, најави засилени контроли на Преспанското Езеро и продолжување на соработката со риболовните здруженија за заштита на рибниот фонд.
Тој посочи дека контролите ќе бидат насочени кон навремено откривање и спречување на незаконскиот риболов.
































