Фото: Твитер/Каталин Новак

Претседателката на Унгарија, Каталин Новак денеска поднесе оставка од функцијата.

– Направив грешка. Денес е последниот ден кога ви се обраќам како претседателка – изјави Новак во говорот емитуван на државната телевизија.

Таа беше под притисок на јавноста откако помилува маж осуден како соучесник во случај на сексуална злоупотреба во дом за деца.

Најмалку 1.000 луѓе протестираа синоќа во Будимпешта барајќи нејзина оставка. Унгарските опозициски партии, исто така, побараа таа да ја напушти функцијата.

Новак одлучи да помилува дваесетина луѓе во април 2023 година, пред посетата на папата Франциск. Меѓу помилуваните лица е и заменик директорот на домот за деца, кој му помогна на поранешниот директор на домот да ги скрие своите злосторства.