Кинотеката на Македонија, денеска, во 20 часот, ќе ја одржи последната официјална филмска проекција за годинава. Љубителите на филмската уметност ќе можат да погледнат дел од новопримените филмски материјали што Кинотеката ги прибра во годинава што изминува. Имено, една од основните дејности на Кинотеката, поточно на Одделението за прибирање, заштита, обработка и чување филмови и филмски материјали, односно на Филмскиот архив при Кинотеката – е токму прибирањето филмови и придружни филмски материјали што се поврзани со Македонија. Така, Кинотеката годинава оствари соработка со реномираниот филмски музеј „Ај“ (EYE Filmmuseum) од Амстердам, Холандија, Кинотеката на регионот Савоја (Cinémathèque des Pays de Savoie et de l’Ain) од Франција, компанијата „Филмске новости“ (Filmske novosti) од Белград, Србија, институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје и повеќе приватни лица.
Повеќето од филмовите се црно-бели, без тон, и се настанати во период од четириесетина години, од 1912 до 1952 година. Оние што се без тон ќе бидат придружени од „Лепи Џони“ на гитара и електрично пијано.
– Првиот деветминутен нем филм под наслов „Балканска војна“ е прибран од филмскиот музеј „Ај“ од Амстердам, а е во продукција на француската компанија „Пате“ и го покрива период од Балканските војни од 1912 г. сѐ до периодот непосредно по завршувањето на Првата светска војна. Во него се прикажани снимки што одлично ја илустрираат атмосферата на војната: ранети црногорски војници, транспорт на гранати, битката кај Куманово, албански затвореници, полска болница во која воени и цивилни лекари се грижат за ранетите војници, логор на бугарската војска во Луле Бургас итн. – споделува Атанас Чупоски, филмолог советник.
Вториот осумнаесетминутен црно-бел филм под наслов „Од Листервелд до Охридското Езеро – увид во народниот живот во јужна Србија“ е повторно прибран од холандскиот музеј „Ај“. Снимен е во периодот меѓу двете светски војни и целосно е посветен на Македонија. Во него е употребена соодветна македонска музика, а има и написи на холандски јазик што го илустрираат прикажаното. Во филмот се прикажани сцени од животот во Македонија во тој период: земјоделци, говедарство, лачење на волна, ткаење на разбој, Хавзи-пашините конаци во с. Бардовци, селаните, градот Скопје, турски гробишта, исламски сакрални објекти, Старата чаршија и занаетите, опинчари, кујунџии, валавичари, ромско семејство, ромски танци, етнички богатиот шаренолик живот во Скопје, мостови во Кратово. Обработка на земја, народни носии, садење тутун, манастирот Дечани во Косово и многу други теми.
– Третиот филм е петнаесетминутен црно-бел филм во холандска продукција, повторно преземен од холандскиот музеј „Ај“, снимен исто така меѓу двете светски војни, со титли на англиски јазик и наслов „Пулсот на Југославија“. Во него се прикажани снимки од Нови Сад и од Белград, но во Кинотеката ќе биде прикажан само делот што се однесува на Македонија и кој е одвоен со напис што гласи: „Во срцето на Балканот, каде што многу империи се бореле и ги оставиле своите славни траги“ – споделува Атанас.
Четвртиот четириесетминутен филм, „Кралството Југославија, е во колор, без тон, и е преземен од Кинотеката на регионот Савоја од Франција. Филмот има три дела, обележани со три различни поднаслови (Од Трст до Загреб, Комеморација на Балканските војни и од Скопје до Тетово), и е снимен во француска продукција, во октомври и ноември 1937 г., кога висока делегација на француската војска ја посетува сојузничка Југославија, по повод чествувањето на 25-годишнината од ослободувањето на Јужна Србија т.е. Македонија. Репортажата завршува со централната прослава на скопскиот градски плоштад, по повод 25-годишнината од ослободувањето на „Јужна Србија“, која се случила на 31 октомври 1937 година.
– По овој филм следуваат 32 куси црно-бели едноминутни репортажи на „Филмски новости“ од Белград, снимени во периодот меѓу 1948-1953 година, некои од нив се без тон, а неколку имаат нарација на српски јазик, кои одлично ја отсликуваат атмосферата на животот во повоена Народна Република Македонија. Така, ќе бидат прикажани репортажи за децата бегалци од Граѓанската војна во Грција, снимени во 1948 г., првиот филмски снимател Милтон Манаки снимен во 1950 г., прослава на Илинден во 1951 г. во Крушево, борба на пеливани, печалбарското село Јанче во западна Македонија, прослава на ЈНА во Скопје, свадбарски обичаи во Галичник, одморалиштето „Отешево“ на Преспанско Езеро и уште многу други – додава Атанас Чупоски, филмолог советник. С.Ј.