Велешкото обвинителство нареди спроведување истражна постапка против двајца велешани за кои постои основано сомнение дека сториле разбојништво.
Осомничените на возраст од 26 и 32 години, вчера наутро, со заштитни маски на лицето, заедно влегле во спортска обложувачница. На вработената на сила од раката ѝ го оттргнале мобилниот телефон и го одзеле. Побарале од неа пари со закана дека ќе ја убијат. Почнале да пребаруваат низ обложувачницата, па пронашле и одзеле 12 ваучери за исплата од слот-машини во вредност од вкупно 13.219 денари, како и сите ситни монети што ги пронашле во фиоките.
По предлог на јавниот обвинител, судија на претходна постапка од Основниот суд во Велес определи мерка притвор во траење од 30 дена за двајцата осомничени, ценејќи дека постои опасност од бегство и можност да го повторат делото.