Фото: Принтскрин/Јутуб

Католиците и дел од православните верници го празнуваат Бадник

Католичките верници и дел од православните христијани кои времето го сметаат по Грегоријанскиот календар денеска го слават Бадник, во пресрет на Божиќ, раѓањето на Исус Христос.

Во државава централната прослава по повод празникот ќе се одржи во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје. Светата божиќна литургија ќе ја предводи бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов.

Божиќ утре го слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква кои го прифатија Грегоријанскиот календар.

Преостанатиот православен свет кој се води според Јулијанскиот календар, меѓу кои и Руската, Српската и Македонската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и монасите на Света Гора, Божиќ ќе го одбележат на 7 јануари.

Палестинските христијани денеска одржаа божиќно бдение во Витлеем, пеејќи песни на свеќи и молејќи се за мир во Газа, наместо вообичаените прослави на местото каде што веруваат дека е роден Исус Христос.

Витлеем има централно место во христијанската традиција за животот на Исус, според која тој е роден во штала, бидејќи во гостилницата немало место за неговите родители.

И 2.000 години подоцна, верниците се собираат на локацијата на таа традиционална штала во базиликата Рождество на Исус од византиската ера во Витлеем, каде што обично има радосни божиќни прикази и осветлени дрвја на плоштадот Рождество.

Но, не и оваа година поради војната во Газа. Во жалост е и мнозинското палестинско население во Витлеем на окупираниот Западен Брег.

Годинава решија да слават без големиот бор, вообичаениот центар на божиќната прослава во Витлеем, бидејќи на само 50 километри се војува.

Црквите во Витлеем годинава поставија макети на згради во урнатини и бодликава жица во знак на солидарност со жителите на Газа.

– Витлеем е порака. Тој не е град, тоа е порака за мир до целиот свет. Од ова свето место пренесуваме порака за мир… Стоп за војната, прекинете го крвопролевањето, убиствата и одмаздата – рече Ибрахим Фалтас на бдението.

Христијаните сочинуваат околу два отсто од населението низ Израел и окупираните палестински територии, според здружението Христијани за заштита на Светата земја, кое е основано од поглаварите на црквите во Ерусалим, а има помал дел од христијаните во Газа исто така.

Војната предизвикана од нападите на Хамас врз израелските градови на 7 октомври ги одврати повеќето од очекуваните странски туристи кои се надеваа да го прослават Божиќ во Витлеем.