Околу илјада делегати од 57 земји-членки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и земји-партнери, учествуваат на министерскиот совет што денеска официјално беше отворен во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
Шефот на дипломатијата и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи ги пречека учесниците, а премиерот Димитар Ковачевски се обрати на отворањето. Ковачевски заклучи дека „сите ние во ОБСЕ имаме потреба од мир, стабилност, обновена доверба и соработка, а историјата ќе нѐ суди по нашите дела“.
– Oвој настан е кулминација на нашето претседавање со ОБСЕ, кое и во редовни околности не е лесен ангажман. Но кога во декември 2020 година со консензус ни беше доделена честа да управуваме со најголемата регионална и безбедносна организација, тешко кој можеше да предвиди дека пред нас ќе имаме вакви турбуленции и предизвици во регионот на ОБСЕ и пошироко, како во поглед на тешкиот геополитички контекст и ескалацијата на безбедносните предизвици, така и во однос на функционалноста и иднината на самата организација – изјави Ковачевски во своето обраќање.
На најголемиот меѓународно-политички настан организиран во земјава од независноста присуствуваат шефовите на дипломатиите на најголем број од земјите-учеснички на ОБСЕ, меѓу кои првите дипломати на САД и на Русија, Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, на Канада, Велика Британија, министри од земјите-членки на ЕУ и на НАТО, од Медитеранот, Блискиот Исток и Централна Азија. Блинкен замина од Скопје пред пристигнувањето на Лавров. Државниот секретар на САД синоќа отпатува за Израел.
На отворениот дел од пленарната седница извештај ќе поднесе генералниот секретар на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид.