Од печат излезе нова книга од издавачката куќа „Или-или“, романот „Идис“ од Робер Бадентер, во превод од француски на македонски јазик на Гзиме Старова. Објавувањето на книгата е поддржано од Министерството за култура.
Често споменуваниот Бадентер публиката веројатно го препознава преку неговиот ангажман околу осамостојувањето на Македонија по распадот на СФРЈ, но еве го и како книжевник, кој многу добро го познава писателскиот занает.
Авторот ја напишал оваа книга од почит кон својата баба по мајка, Идис. Пишувајќи за нејзиниот живот и патешествието на семејството како еврејски емигранти на Руската Империја, Бадентер дава еден неверојатен приказ на животот на неколку генерации од семејството на неговата баба како еврејски емигранти, дојдени во Париз пред 1914 година.
Високооценета од книжевната критика и популарна меѓу рафинираните читатели, оваа книга претставува вистинско книжевно доживување!
Робер Бадентер (Париз, 1928) e француски адвокат и политичар. Завршил студии по литература и право во Париз. Магистрирал на универзитетот „Колумбија“ (САД, 1949). Докторирал компаративно право во Париз (1951). Бил адвокат во Апелацискиот суд во Париз (1951-1981), министер за правда на Франција (1981-1986) и претседател на Уставниот совет на Франција (1986-1995). Бил и претседател на Арбитражната комисија на Конференцијата за Југославија (формирана во 1991 година), која, под негово претседателствување, констатира дека РМ ги исполнува сите општи и посебни услови за меѓународно признавање. Поради тоа беше прогласен за почесен доктор на правни науки на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (1996).