Од ЕУ најавуваат и одобрување финансиски план од 30 милијарди евра наменет за економски развој и побрзо придвижување на Западен Балкан на патот кон ЕУ. Но колку секоја земја ќе успее да повлече од тие милијарди евра ќе зависи од постигнувањето на поединечните земји во спроведувањето на планираните реформи во економскиот, политичкиот и општествениот систем
Европската Унија ја менува стратегијата во процесот на поддршка и проширување на Западен Балкан
Проширувањето на Европската Унија и приемот на земјите од Западен Балкан е политички приоритет за Европската комисија, но тоа е процес заснован на заслуги. Таков е ставот на високите европски претставници што сѐ почесто може да се слушне по разговорите со политичките лидери од земјите во регионот, на кои главна тема е како да се забрзаат реформите од земјите кандидати. Од ЕУ најавуваат и одобрување финансиски план од 30 милијарди евра наменет за економски развој и побрзо придвижување на Западен Балкан на патот кон ЕУ. Планот за раст за Западен Балкан содржи четири принципи што се однесуваат на отворање единствен пазар за деловни субјекти од регионот, отворање на границата и заокружување на регионалниот пазар, спроведување реформи за подобра интеграција (подобро деловно опкружување, дигитализација, подготовка на економијата за зелена транзиција) и секако во реална финансиска помош и инвестиции. Но колку секоја земја ќе успее да повлече од тие милијарди евра ќе зависи од постигнувањето на поединечните земји во спроведувањето на поставените реформи во економскиот, политичкиот и општествениот систем.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, неодамна во Сараево отворено порача дека за да се инвестираат средства од Европската Унија во Босна и Херцеговина, неопходно е земјата да спроведе реформи, предупредувајќи дека доколку не се спроведат реформите, средствата ќе да бидат пренасочени во други земји од Западен Балкан.
– Ако се спроведат реформи, ќе дојдат и средства. Нам ни е јасно дека за реформите е потребно време, но доколку не се спроведат реформите, средствата ќе бидат префрлени во други земји од Западен Балкан – рече Фон дер Лајен по средбата со претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кристо.
Македонија 15 години тапка во место со внатрешните реформи во економијата, судството…
Изнесените ставови од претседателката на Европската комисија на нејзината последна балканска турнеја не се единственото предупредување од официјални дипломатски претставници на земјите од ЕУ што е адресирано до лидерите на земјите од Западен Балкан.
На подиректни критики за бавното приближување на законодавствата на ЕУ беше изложена и Македонија. Холандскиот амбасадор во Скопје, Дирк Јан Коп, без да користи дипломатска реторика, отворено праша „по децении огромна поддршка, каде отидоа парите на нашите даночни обврзници“, откако забележа дека во земјава нема волја за промени!
Холандскиот амбасадор и во јуни годинава нагласи дека Македонија не треба да ја бара одговорноста во ЕУ што сѐ уште не е членка, туку треба да тргне од себе за да може да ги исполни критериумите што се бараат.
– Сепак, сите други земји во период од 10 до 15 години успеаја да ги направат потребните реформи и да станат членки на ЕУ. Зошто вие не ги завршивте своите реформи пред 15 години како и тие други земји? Ситуацијата во правосудниот сектор нѐ остави без друга опција освен да ја евалуираме нашата поддршка што ја даваме – рече Коп.
За четири години сменети пет закони!?
Претседателката на Европската комисија и претставниците на властите во Босна и Херцеговина на 1 ноември требаше да разговараат за исполнувањето на обврските на БиХ и почетокот на преговорите за полноправно членство, како и за потенцијалните милијарди евра во помош. Во пресрет на пристигнувањето на Урсула фон дер Лајен во Сараево, Претставничкиот дом на државниот парламент едногласно усвои резолуција со која се повикува ЕУ да ги отвори преговорите за членство на БиХ.
Во мај 2019 година, Европската комисија постави 14 приоритети за БиХ што мора да ги исполни пред тоа.
Додека власта во БиХ се фали со пет усвоени „европски“ закони, клучните што се поврзани со судството не се променети. Оцената на европските парламентарци е дека само еден услов е целосно исполнет за четири години – укинување на смртната казна во ентитетот Република Српска.
– Првата од шесте пресуди на Европскиот суд за човекови права против Босна и Херцеговина, кои денес се нарекуваат „Сејдиќ-Финци“, беше донесена пред 14 години, колку што има клучни приоритети. Ништо не беше преземено за да се постапи по нив. Да бидам многу јасен, развојот што го имаме во моментов не е успешна приказна – рече Ромео Франц, германски претставник во Европскиот парламент што ја предводи делегацијата за Босна и Херцеговина.
Тој во изјава за Радио Слободна Европа вели дека „овде и таму има мал и многу ограничен напредок, но тој е далеку од доволен и редовен. Тој нагласи дека е „потребна цврста и стабилна посветеност на сите политички актери, а не политички игри и постојана закана од блокади“.
Во изминатите месеци Босна и Херцеговина донесе пет државни закони што се дел од приоритетите на ЕУ, иако, според оцените на ОБСЕ и Советот на Европа, некои од нив не се усогласени со ЕУ. Надлежните наведуваат дека се усвоени измени на законот за слобода на пристапот до информации, народниот правобранител за човекови права, законот за странци, законот за вина и Високиот судски и обвинителски совет на БиХ, институцијата што ги именува, дисциплинира и заменува сите судии и обвинители во државата.
Нема политички договор за законите што ЕУ ги именуваше како „клучни“, поточно законите за спречување судир на интереси, за спречување на перењето пари и законите за Судот на Босна и Херцеговина и Уставниот суд на Босна и Херцеговина. ЕУ бара Босна и Херцеговина да ја усогласи и својата надворешна политика со Брисел.
Подготвил: Митко Јовановски