Фото: Архива

Возачот треба да е свесен за ризиците при управувањето со моторното возило, а меѓу нив и од сончевите зраци (наесен сонцето е ниско на хоризонтот и сончевите зраци имаат остар агол на осветлување), кои ги заслепуваат возачите. Токму затоа е потребно возачите да го зголемат безбедносното растојание помеѓу своето возило и возилото пред нив, да возат со намалена брзина и да внимаваат на другите учесници во сообраќајот, бидејќи видливоста значително е намалена. Ретко кога видливоста е апсолутно совршена додека се вози, но ако возачите го знаат тоа и ги направат соодветните приспособувања, можат да ги минимизираат сите дополнителни ризици што доаѓаат со помалку од оптималните визуелни услови

НИСКИТЕ СОНЧЕВИ ЗРАЦИ ЈА НАМАЛУВААТ ВИДЛИВОСТА ПРИ УПРАВУВАЊЕТО СО ВОЗИЛАТА

Во текот на есенските, зимските и пролетните месеци сонцето е ниско на хоризонтот, па во некои делови од денот може да им направи големи проблеми на возачите бидејќи ги заслепува, па со самото тоа и им ја намалува видливоста на возачите, но и ги дефокусира, бидејќи се обидуваат да најдат начини како да се справат со сончевите зраци што директно „удираат“ во очи.

СОНЧЕВИТЕ ЗРАЦИ СЕ РЕАЛЕН ПРОБЛЕМ

Како што повеќе навлегуваме во есенските денови, а сонцето сѐ уште не е сокриено зад дождовните облаци, возачите сѐ повеќе се соочуваат со ризиците во сообраќајот предизвикани од овој период од годината.
Па, така, ниското сонце, блеска кое уште од утринските часови, најголем проблем им предизвикува на возачите, кои едвај успеваат да видат нешто пред себе поради сончевото „ослепување“.
Во неколку студии од сообраќајни експерти, есента и пролетта се периоди од годината кога сонцето има една од водечките улоги во предизвикувањето сообраќајни незгоди, особено доколку возачот со својот автомобил излегува на улица од гаража во која немало таква светлина.
– На очите им е потребно да се навикнат на светлината што сонцето ја емитува за време на есента и пролетта. Сигурно сите сте забележале дека сонцето некако повеќе блеска во овој период од годината, и тоа навистина е така. Токму затоа е потребно да се преземат мерки за претпазливост, за да се заштитат возачите, нивните сопатници, но и другите учесници во сообраќајот – се наведува во една кратка анализа направена токму на оваа тема.

ПОСТАПКИ ЗА ПОГОЛЕМА БЕЗБЕДНОСТ И СИГУРНОСТ

Експертите велат дека една од најдобрите инвестиции што возачот може да ги направи за да ја зголеми видливоста во сообраќајот во овој период од годината е инвестирањето во поларизирани очила за сонце чии производители гарантираат за нивниот ефект. Тие значително ќе го намалат сончевиот блесок што ги заслепува возачите.
За среќа, секој автомобил има „ролетни“ што возачот може да ги спушти за да се заштити од сонцето. Тие додатоци што се наоѓаат веднаш над главата на возачот дополнително можат да се адаптираат, доколку утринското сонце грее токму од страната на возачот, може да се откачат од едната (десната) страна и да се свртат кон прозорецот, за да ги заштитат очите на возачот.
– Возачите треба да ја подигнат положбата на седење и да бидат што е можно поисправени. Исто така од огромна важност е да го чувате ветробранското стакло чисто, бидејќи сонцето ќе ги замати сите дамки и мазници направени на него, со што ќе ви ја оневозможи прегледноста на патот – вели професионалниот возач Илија Доневски.
Според него, возачите никако не смеат да оставаат какви било книги, листови и други хартии на контролната табла, бидејќи нивната слика во контакт со сончевите зраци целосно ќе се прекопира на шофершајбната и стопроцентно ќе го попречи видикот низ неа.
– Возачот треба да е свесен за ризиците и токму затоа треба одговорно да се однесува и да управува со возилото. Токму затоа е потребно возачите да го зголемат безбедносното растојание помеѓу своето возило и возилото пред нив, да возат со намалена брзина и да внимаваат на другите учесници во сообраќајот, бидејќи видливоста е значително намалена. Ретко кога видливоста ќе биде апсолутно совршена додека се вози, но ако возачите го знаат тоа и ги направат соодветните приспособувања, можат да ги минимизираат сите дополнителни ризици што доаѓаат со помалку од оптималните визуелни услови – вели Доневски.

Д.Т.З.