Меси со Аргентина ја освои титулата на СП 2022 и одигра клучна улога кога Интер Мајами го освои својот прв трофеј, Лига-купот. Бонмати со Барселона триумфира во ЛШ, а со Шпанија ја освои титулата на СП 2023. Награди добија и Холанд, Белингем, Мартинез и Винисиус Жуниор
ФУДБАЛ – НАГРАДИ „ЗЛАТНА ТОПКА“
Напаѓачот на Аргентина и на Интер Мајами, Лионел Меси, по осми пат ја освои „златната топка“ за мажи, а фудбалерката од средниот ред на Шпанија и на Барселона, Аитана Бонмати, првпат ја освои „златната топка“ за жени, во изборот за 2023 година. Наградите се доделуваат од 1956 година, во организација на францускиот магазин „Франс фудбал“.
Меси го доби признанието откако ѝ помогна на репрезентацијата на Аргентина да ја освои титулата на Светското првенство (СП) во Катар минатата година. Меси, исто така, одигра клучна улога кога Интер Мајами го освои својот прв трофеј, Лига-купот, и постигна 11 гола во 14 настапи за тимот.
– Убаво е што сум тука уште еднаш за да уживам во овој момент. Не можев да замислам дека ќе имам кариера каква што имам и сето она што го постигнав и среќа да бидам дел од најдобриот тим во историјата. Сите „златни топки“ се посебни поради различни причини – рече Меси, пренесе „Би-би-си“
Бонмати со својот клуб триумфира во шпанската прва лига и во Лигата на шампионите (ЛШ), а со Шпанија ја освои титулата на СП 2023 во Нов Зеланд и во Австралија. Бонмати беше избрана за најдобра фудбалерка на годината во изборот на Европската фудбалска унија (УЕФА), во август.
– Многу сум горда што ја освоив наградата. Фудбалот е колективен спорт, па би сакала да ја проширам оваа награда на моите соиграчки и на персоналот. Како модели имаме одговорност на теренот и надвор од него. Треба да бидеме повеќе од спортисти, да продолжиме да водиме со пример и да се бориме заедно за подобар, мирен и еднаков свет – изјави Бонмати, пренесе „Би-би-си“.
Норвешкиот репрезентативец Ерлинг Холанд, кој постигна рекордни 36 гола во 35 првенствени меча и 52 погодока во сите натпреварувања, а со Манчестер сити ги освои трофеите во Премиер-лигата, ЛШ и во ФА-купот, ја доби наградата „Герд Милер“, за неговите голгетерски достигнувања (наградата се доделува од 2021 година, претходен двоен победник е Роберт Левандовски). Голманот на Аргентина и на Астон Вила, Емилијано Мартинез, го освои трофејот „Лев Јашин“ за најдобар голман во светот (наградата се доделува од 2019 година, претходни победници се Алисон, Џанлуиџи Донарума и Тибо Куртоа). Играчот од средниот ред на Англија и на Реал Мадрид, Џуд Белингем, го освои трофејот „Рајмонд Копа“, за најдобар фудбалер до 21 година (наградата се доделува од 2018 година, претходни победници се Килијан Мбапе, Матијас де Лихт, Педри и Гави). Манчестер сити е прогласен за клуб на годината втора година по ред. Крилниот напаѓач на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор, ја доби наградата „Сократес“ (наградата се доделува од лани, кога Садио Мане го освои трофејот), за неговиот придонес надвор од теренот (Винисиус Жуниор доби признание за основање фондација што гради училишта во сиромашните области и инвестира во образованието во Бразил) и вети дека ќе продолжи да зборува против расизмот во светскиот фудбал, пишува „Би-би-си“. Н.М.
ОСВОЈУВАЧИ НА „ЗЛАТНАТА ТОПКА“, МАЖИ
Лионел Меси 8
Кристијано Роналдо 5
Мишел Платини 3
Јохан Кројф 3
Марко ван Бастен 3
Франц Бекенбауер 2
Роналдо Назарио де Лима 2
Алфредо ди Стефано 2
Кевин Киген 2
Карл-Хајнц Румениге 2
уште 34 фудбалери по еднаш ја освоија наградата, која се доделува од 1956 година (не беше доделена во 2020 година)
ОСВОЈУВАЧИ НА „ЗЛАТНАТА ТОПКА“, ЖЕНИ
Алексија Путејас 2
Ада Хегерберг 1
Меган Рапино 1
Аитана Бонмати 1
наградата се доделува од 2018 година (не беше доделена во 2020 година)
НАГРАДЕНИ ЗА 2023 ГОДИНА
„Златна топка“ мажи Лионел Меси
„Златна топка“ жени Аитана Бонмати
Трофеј „Герд Милер“ Ерлинг Холанд
Трофеј „Лев Јашин“ Емилијано Мартинез
Трофеј „Рајмонд Копа“ Џуд Белингем
Трофеј „Сократес“ Винисиус Жуниор