Затоа е важно повторно да се потсетиме на идеалите на солунците, кои пред 130 години во собата на учителот и книжар Иван Хаџи Николов во Солун решиле со сопствени сили да ја бијат битката за Македонија, колку тогаш и да изгледала невозможна. Денес битката за Македонија изгледа возможна и многу остварлива, но со луѓе со визии на кои државата и нејзините граѓани ќе им бидат најсветото нешто. Такви луѓе ѝ се потребни на оваа држава, луѓе што ќе кажат „стоп“ на сите надворешни притисоци и уцени и ќе покажат капацитет да почнат да ја реформираат земјата по сите основи. За такво нешто се потребни натпартиски визии, знаење, карактер, чувство на одговорност
Македонија го прославува 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, одбележувајќи точно 130 години откако во куќата на Иван Хаџи Николов во Солун отидоа Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Андон Димитров и Христо Ботанџиев, создавајќи ја Македонската револуционерна организација (МРО), од која подоцна произлезе Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО).
Организацијата се бореше за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош однадвор. Со тоа почна организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинденското востание во 1903 година, Крушевската Република и Народноослободителната војна ја создаде независната и самостојна македонска држава во која живееме денес.
Тие идеали од пред 130 години треба да бидат водилка и за денешните политичари. кои очигледно не знаат што значи да се има некаков идеал во животот, бидејќи дошле на функција оти биле блиски до некој партиски лидер. Што е уште полошо, основниот идеал на многумина од нив е како да си заминат побогати од функцијата, а за тоа да не одговараат. Тоа се денешните идеали поради кои се влегува во политиката. И додека сегашниве мислат само како да се збогатат, солунската петорка уште пред повеќе од 100 години сонувала како да создаде независна македонска држава исклучиво со сопствени сили, без помош однадвор.
Токму на таквите визии денеска треба да се навратат сите политичари во земјава и сите оние што упорно тврдат дека ни требал камшикар однадвор за да ја оправиме државата, оти сами не сме можеле. Ако македонските револуционери уште пред повеќе од еден век биле свесни дека можеме сами да ја водиме нашата борба во услови што биле неспоредливи со денешните, кога немале ниту сопствена држава, зошто сега самите да не ја водиме нашата борба за изградба на поубава и попросперитетна Македонија, која беше изградена врз основа на нивните идеали. Затоа, крајно време е таа борба да почне.
За некој ден повторно ќе ја нагостиме претседателката на Европската комисија, Урсула дон дер Лејен, која уште еднаш ќе ги повтори истите барања што ги изнесе и пред некое време, да се направат уставни измени за да го фатиме „европскиот воз“. Ништо ново, уште еден во редицата притисоци, на кои веќе навикнавме. Впрочем, целото македонско општество низ годиниве научи да живее под притисок. Кога веќе зборуваме за притисоците, пред некој ден и холандскиот амбасадор Коп нè направи од сè подолу, кажувајќи дека ЕУ била изморена чекајќи нè нас да си ги средиме работите дома. Колку и да претставува ова мешање во внатрешните работи на една суверена држава и некаква форма на притисок, сепак тоа што го кажува е точно, од збор до збор, само што кога е веќе толку директен, треба и да ги посочи со име и презиме виновниците за ваквите состојби.
А ги знае, не дека не. Добро знае кому му се давани европски пари и за што, па нека ги праша нив на што ги потрошиле. Уште подобро знае кој е најголемиот генератор на криминал и корупција во земјава, знае и за обвинителите, и за судиите, и за пратениците, едноставно човекот сè знае, само некому очигледно му одговара и натаму да останат ваквите состојби за да може утре да ни кажат „дечки, џабе го сменивте Уставот, нема владеење на правото и имате висока корупција“. Тој филм го видовме веќе, само нејасно е зошто толку упорно се притиска и се инсистира на уставните измени, заради атер на Бугарите?
Но да се вратам на мотото на револуционерите – самите да си ја водиме својата борба, без помош однадвор. Што би значело тоа денес во практика?
Нема човек во оваа држава кому не му збоктиса да гледа секој ден што се случува околу него. Нефункционални институции, никакво судство, Обвинителство колку да стои на хартија дека го имаме, Собрание како главна институција за креирање на општествена нервоза, Влада во која не се знае кој пие, а кој плаќа, каде што најголем дел министри се подредени на партискиот лидер, а не на премиерот, здравство од кое цица секој што ќе стигне на сметка на здравјето на граѓаните, образование колку да научат луѓето да читаат и пишуваат, екологија колку да се каже дека ја има, а економија колку на жабри да ја одржува државата функционална и да го пополнува пензискиот фонд, кој по некои чудни патишта постојано истекува, некаде наоколу. И кој би сакал да остане во таква земја? Остануваат само оние што се на висока функција, во спротивно, и тие би се иселиле.
Затоа е важно повторно да се потсетиме на идеалите на солунците, кои пред 130 години во полутемното сопче на учителот и книжар Иван Хаџи Николов во Солун решиле со сопствени сили да ја бијат битката за Македонија, колку и да изгледала невозможна таа тогаш. Тоа е одраз на вистински патриотски дух.
И денес битката за Македонија изгледа возможна и многу остварлива, но со луѓе со визии на кои државата и нејзините граѓани ќе им бидат најсветото нешто. Такви луѓе ѝ се потребни на оваа држава, луѓе што ќе кажат „стоп“ на сите надворешни притисоци и уцени и ќе покажат капацитет да почнат да ја реформираат земјата по сите основи.
За такво нешто се потребни натпартиски визии, знаење, карактер, чувство на одговорност. Прво и основно, треба да се воспостави вистинско владеење на правото, каде што нема да постои селективен пристап, туку казните ќе ги стигаат сите оние што работат спротивно на законите, без оглед дали се на функција или, пак, се во опозиција. Понатаму, наместо да се надеваме дека некој однадвор ќе ја бие нашата битка со корупцијата, самите да удриме по најголемото општествено зло, оти ако продолжат ваквите состојби, нема да ја има ниту државата.
Да се стимулира економијата така што државата ќе креира амбиент за нејзин развој, а не за нејзино дополнително оптоварување. Здравствениот систем мора одново да се воспостави така што низ целата држава ќе се организира огромна здравствена мрежа во која секој граѓанин ќе биде здравствено згрижен во местото каде што живее, без да биде препраќан од град во град за најситни интервенции. Времето на експерименти во образованието помина, резултатите се видоа. Ги нема. Затоа е потребно да се воспостави образовен систем што ќе креира обучени генерации, кои ќе добиваат шанса за работа со пристојна заработувачка дома. Од клучна важност ќе биде да се обнови земјоделството. Иднината носи недостиг од храна, а македонската земја отсекогаш ја раѓала најубавата храна и треба да се вратиме кон нашите корени, а не да се уништува плодно земјиште за изградба на фотоволтаични централи од кои се богатат само мали групи олигарси, додека народот јаде скапа, неквалитетна, увезена храна.
Доста веќе и со кратењето од животниот век на македонските граѓани. Сите имаме право да дишеме чист воздух, да пиеме чиста вода, затоа екологијата секогаш мора да биде високо на скалилото на приоритети. Приоритет треба да биде и социјалната грижа, пристојни пензии за мирна трета доба.
За сето ова ни требаат нови модерни „револуционери“, кои ќе гледаат многу подалеку и многу пошироко, кои ќе ја вратат смислата на сите борби на оние што сонувале за самостојна и независна Македонија, кои ги добиле самите, без помош однадвор. Затоа, редно е и оваа битка да ја започнеме сами, заради нас. Така сите повеќе ќе нè ценат.