Фото: ЕПА

Тоа е огромен лавиринт од тунели од неколку километри под земја, кои се користат за транспорт на луѓе и стоки, за складирање ракети и муниција, но и за сместување на командните и контролните центри на Хамас, подалеку од љубопитните очи на авионите и беспилотните летала за надзор на израелските воени сили

Мистериозната мрежа на подземни тунели што ја користи Хамас

Безбројните тунели под Газа се најпознати како премини што се користат за шверц на стоки од Египет и за напади во Израел.
Но постои втора подземна мрежа што израелските одбранбени сили колоквијално ја нарекуваат „метро во Газа“. Тоа е огромен лавиринт од тунели од неколку километри под земја, кои се користат за транспорт на луѓе и стоки, за складирање ракети и муниција, но и за сместување на командните и контролните центри на Хамас, подалеку од љубопитните очи на авионите и беспилотните летала за надзор на израелските воени сили.
Хамас во 2021 година тврдеше дека изградил тунели во должина од 500 километри под Газа, иако не е јасно дали таа бројка е точна или не. Ако е вистина, подземните тунели на Хамас би биле нешто помалку од половина од должината на системот на метрото во Њујорк.
– Тоа е многу сложена, многу голема, огромна мрежа од тунели на доста мало парче територија – истакна Дафне Ричмонд-Барак, професорка на израелскиот универзитет „Рајхман“ и експертка за подземно војување.
Не е јасно колку тунелската мрежа го чинела Хамас, кој управува со сиромашниот крајбрежен појас. Бројката е веројатно значајна, во однос на работната сила и на капиталот.
Газа е под копнена, морска и воздушна блокада од страна на Израел, како и под копнена блокада од Египет од 2007 година, и се верува дека не поседува тип на масивна механизација што обично се користи за изградба на тунели длабоко под земја. Експертите велат дека копачите, кои користеле основни алатки, веројатно копале длабоко под земја за да ја ископаат мрежата, која е поврзана со електрична енергија и засилена со бетон. Израел долго време го обвинува Хамас дека го пренасочува бетонот наменет за цивилни и хуманитарни цели кон изградба на тунели.
Критичарите на Хамас исто така велат дека огромните трошоци на групата за тунели би можеле, наместо тоа, да платат за цивилни засолништа од бомби или системи за рано предупредување, како оние преку границата во Израел.

Асиметричната предност

Тунелите биле атрактивна алатка за војување уште од средновековно време. Денес тие им нудат на милитантните групи како Хамас предност во асиметричното војување, негирајќи некои од технолошките предности на понапредната војска, како што е израелската.
Она што ги прави тунелите на Хамас различни од оние на Ал каеда во планините во Авганистан или Виет Конг во џунглите во Југоисточна Азија е тоа што Хамас изгради подземна мрежа под една од најгусто населените области на планетата. Речиси два милиона луѓе живеат на 88 квадратни милји што го сочинуваат градот Газа.
– Секогаш е тешко да се справиш со тунелите, не сфаќајте ме погрешно, во кој било контекст, дури и кога се во планинско подрачје, но кога се урбани области, тогаш сè е покомплицирано – тактичките аспекти, стратегиските аспекти, оперативните аспекти и, секако, заштитата што сакате да ја обезбедите за цивилното население – вели Ричемонд-Барак, виш соработник во институтот за право и копнена војна „Либер“ и Институтот за модерна војна во Вест Поинт.
Од терористичкиот напад на 7 октомври во Израел, во кој беа убиени најмалку 1.400 луѓе, главно цивили, Израел постојано тврдеше дека Хамас се крие внатре во овие премини „под куќите и во зградите населени со невини цивили од Газа“, што практично ги претвора во човечки штитови. Палестинските власти соопштија дека во израелските воени воздушни напади оттогаш загинале најмалку 2.670 Палестинци.
Се очекува израелската војска да тргне по мрежата во претстојниот копнен упад во Газа, бидејќи во последниве години направи крајни напори за да ги елиминира тунелите на Хамас. Израел започна копнен напад врз Газа во 2014 година за да се обиде да ги елиминира подземните премини.
Минатиот петок Израел предупреди дека околу 1,1 милион луѓе што живеат во Газа треба да се преселат на југ пред неговата можна операција. Критичарите рекоа дека таквата наредба е невозможно да се изврши на краток рок среде воена зона. Високиот претставник на ОН за човекови права рече дека повикот за евакуација „им пркоси на правилата на војната и основната хуманост“.
– Преселувањето на цивилите од градот Газа ќе помогне да се направи побезбедно елиминирање на тунелите, но таквите операции ќе бидат опасни – вели Ричемонд-Барак.
Израелската војска може или да ги направи тунелите привремено неупотребливи или да ги уништи. Според Ричемонд-Барак, бомбардирањето на подземните премини е обично најефикасниот начин за нивно елиминирање, но таквите напади можат да влијаат врз цивилите.
Она што е јасно е дека технологијата сама по себе нема да биде доволна за да се запре подземната закана.
Израел потроши милијарди долари обидувајќи се да ја обезбеди границата со паметен систем, кој може да се пофали со напредни сензори и подземни ѕидови, но Хамас сепак успеа да го изврши својот напад на 7 октомври по копно, воздух и море.
Ричмонд-Барак рече дека е потребен холистички пристап, кој ќе користи визуелна интелигенција, мониторинг на границите, па дури и побара од цивилите да внимаваат на сѐ што е сомнително.
– Не постои сигурно решение за справување со заканата од тунел – рече Ричемонд-Барак и додаде дека „нема Железна купола за тунели“.