Главната причина за подемот на десницата на Стариот Континент е незадоволството од имиграционата политика, како и порастот на цените. Наедно, поголемиот број десничарски партии се скептични кон Европската Унија, но нивните погледи за надворешната политика се разликуваат и во однос на други важни прашања
Опсервација на „Гардијан“: Економската криза предизвикува промени на политичката мапа
На изборите во Европа, национално-конзервативните партии остваруваат значителни резултати и победи, додека нивната популарност кај гласачите во истражувањата на јавното мислење сѐ повеќе расте. Овие партии придобиваат нови приврзаници, додека некои либерални аналитичари веќе говорат и за постоење „цунами на десницата“ во Европа. Главната причина за подемот на десницата на Стариот Континент е незадоволството од имиграционата политика, како и порастот на цените. Наедно, поголемиот број десничарски партии се скептични кон Европската Унија, но нивните погледи за надворешната политика се разликуваат и во однос на другите важни прашања. Резултатот од новата политичка реалност е тоа што од минатата есен во Италија е на власт десничарската влада, додека партиите на десницата се во искачување на целиот континент од Германија, Франција, Шпанија, Шведска до другите земји од Централна и Источна Европа.
Се чини, најзабележителен раст на десницата има во Германија, каде што до пред десетина години не постоеше политичка опција десно од Демохристијанската партија (ЦДУ) на тогашната канцеларка Ангела Меркел. Нејзината одлука за прифаќање повеќе од милион имигранти од Блискиот Исток влијаеше на намалување на рејтингот на партијата и создаде простор за отворање нови политички опции. Овој вакуум на десниот политички блок го пополни Алтернатива за Германија (АФД), партија што беше основана во 2013 година и оттогаш успеа да оствари добар изборен резултат и да влезе во германскиот Бундестаг. АФД ја искористи кризата во Германија и успеа да се искачи на второто место во анкетите, со подршка од 20 отсто граѓани.
Десничарите од Алтернатива за Германија (АФД) во пораст
Владејачката коалиција во Германија на канцеларот Олаф Шолц, составена од три партии (СПД, Зелени, ФДП), забележа само загуби на покраинските избори во Баварија и Хесен. Тоа беше најлошиот резултат на партијата на покраински избори во историјата на Сојузна Република Германија. Либералите односно ФДП, една од трите партии во коалицијата на сојузно ниво, не успеаја ниту да влезат во покраинскиот парламент во Баварија. Во исто време триумфира делумно десничарската екстремистичка партија Алтернатива за Германија (АФД), која германската тајна служба ја класифицира како сомнителен случај на антиуставна активност, и постигна рекордни резултати во двете покраини. Во Баварија стана трета најмоќна, со 14,6 отсто од гласовите, а во Хесен дури втора најмоќна, со 18,4 отсто.
Покраинските избори немаат директно влијание врз рамнотежата на политичките сили на сојузно ниво во Германија, бидејќи сегашните коалиции предводени од конзервативците, ЦСУ во Баварија и ЦДУ во Хесен, и натаму можат да владеат, пишува „Дојче веле“.
– Во Германија и натаму е доминантен политичкиот центар, но она што го забележуваме е дека има промена надесно не само во јавниот дискурс туку сега и на изборите – изјави политикологот Карл-Рудолф Корте за Втората програма на германскиот јавен сервис ЗДФ.
За време на изборната кампања, Алтернатива за Германија првенствено се фокусираше на прашањата за азил и за миграција. Таа партија се залага за депортирање милиони баратели на азил од Германија и од Европа. АФД сака радикално да ја ограничи имиграцијата во Германија, а тоа наидува на одзив меѓу младите гласачи. Направените анкети за јавното мислење во Германија укажуваат дека за АФД сѐ повеќе се гласа поради убедување, а сѐ помалку поради протест.
Прашањето за азилот со месеци доминира во политичките дебати во Германија. Сѐ погласни се повиците за зголемување на бројот на депортации на одбиените апликанти. Во последно време повторно е зголемен бројот на баратели на азил. До септември 2023 година во Германија се поднесени над 250.000 барања за азил, што е повеќе од претходната година, соопшти Сојузната канцеларија за миграција и бегалци.
Демохристијаните, победници на изборите во Баварија (ЦСУ) и Хесен (ЦДУ), исто така, го свртеа своето внимание кон прашањата за азил и за миграција. Ден по изборите во тие две покраини, го повикаа канцеларот Шолц да преземе мерки за миграциската политика.
– Гледаме дека во Германија врие – изјави генералниот секретар на ЦДУ, Карстен Линеман, за Првата програма на јавниот сервис АРД, зборувајќи за големиот број бегалци, пишува ДВ.
Десничарската политика станува реалност и сила
Крајно десните партии веќе беа во владејачките коалиции во Финска, Австрија и Италија. Американскиот весник „Вашингтон пост“ проценува дека по изборите во Шведска, почнува новиот развој на крајната десница во Европа. Шведската премиерка Магдалена Андерсон поднесе оставка откако нејзината влада беше поразена на општите избори во септември годинава. По веројатниот пораз на нејзината левичарска коалиција, се очекуваше влада да формира лидерот на Умерената партија, Улф Кирстесон. Во неа ќе бидат вклучени и Шведските демократи, екстремно десничарска партија.
Екстремно десничарските популистички партии се паневропски проблем што ги засега сите демократии. Загриженоста за трошоците за живот и енергетската криза, војната во Украина, имиграцијата и криминалот со оружје се жешки теми во Шведска, но тие не се ограничени само на Швеѓаните, се наведува во анализата на „Гардијан“.
Стратегијата за исклучување на десничарските партии е осудена на неуспех пред политичката реалност. Тоа можеме да го видиме во Франција. Анкетите покажуваат дека Марин Ле Пен е најпопуларната политичарка во таа земја, пред претседателот Емануел Макрон, кој често се перципира како елитист, премногу далеку од обичниот човек. Франција се соочуваше со насилство и немири во предградијата, кои претежно се населени со имигранти од африканско и арапско потекло.
Најголемиот успех за десницата несомнено го постигна актуелната италијанска премиерка Џорџа Мелони, која минатата есен стана првата жена на чело на италијанската влада.
Нејзината партија е убедливо најпопуларна во Италија, а нејзината влада го комбинира традиционалниот конзерватизам со построг став за илегалната миграција. Неодамнешната одлука на ЕУ да ја зајакне борбата против илегалната миграција во Медитеранот покажува промени во консензусот, она што некогаш беше барање на „екстремната десница“ сега станува реалност.