Фото: ЕПА

Прашањето како да се реши израелско-палестинскиот конфликт е клучно геополитичко прашање уште од 1948 година и создавањето на државата Израел, што беше настан што резултира со голем број последователни конфликти меѓу Израелците и Палестинците. Одлуката на Обединетите нации во 1947 година да го поделат поранешниот британски колонијален посед на Палестина на арапска (палестинска) и израелска (еврејска) држава темелно го потресе текот на историјата на Блискиот Исток и пошироко. Светата земја со главниот град Ерусалим е местото каде што се родени трите најголеми светски религии, јудаизмот, христијанството и исламот. Наместо да стане место на мир, толеранција и соживот на различните религии во 20 и 21 век, светата земја се претвори во сцена на крвави престрелки, на кои сме сведоци и деновиве во последната рунда израелско-палестински конфликти, кои се закануваат со војна од големи размери, се наведува меѓу другото во опширната анализа на порталот „Геополитика њуз“

Модели за решавање на израелско-палестинскиот конфликт (4)

Постојат различни форми на можна организација на заедничката држава. Еден таков модел е унитарна држава Израел, која би се состоела од единствена влада низ светата земја со државјанство и еднакви права за сите жители, без разлика на етничката или верската припадност, слична на британска Палестина. Некои Израелци се залагаат за верзија на овој модел во кој Израел ќе го анектира Западниот Брег, но не и Појасот Газа, со што ќе остане еврејска и демократска држава со поголемо арапско малцинство.

Зајакната палестинска автономија

Во вториот модел на заедничка држава, Израел би го анектирал најголемиот дел од Западниот Брег (околу 60 отсто) со израелските населби, а во другите би создал автономен палестински регион.
Нафтали Бенет, левичарски израелски политичар, повика на такво решение – „надградба“ на палестинската автономија на Западниот Брег во областите што се веќе под палестинска контрола и во Појасот Газа. Палестинците ќе одржат свои избори и ќе организираат свои училишта и служби, но нема да ги контролираат границите и нема да им биде дозволено да имаат војска. Палестинските територии би добиле автономија, но нема да формираат независна држава, туку де факто би биле дел од Израел или зависни од него. Очекувано, Палестинците овој договор го сметаат за неприфатлив.

Федерални модели

Според некои израелски предлози, мултинационалната држава би можела да се организира како федерација. Оваа варијанта на решението за една држава подразбира примена на израелскиот закон на целиот Западен Брег и ќе им даде целосно државјанство и право на глас на сите Палестинци што живеат таму. Сепак, таквата држава би била поделена на помали провинции или кантони на начини дизајнирани да го зачуваат мнозинството во политичките структури на Израел. Се разбира, федерацијата може да се организира поинаку, така што централната власт е споделена со федералните единици – провинции или кантони. Федералните единици би можеле да се создадат на таков начин што ќе обезбедат еднаквост или паритет на двата народа на локално и национално ниво. Паритет секако ќе мора да постои во централната власт.

Федерација на Израел и Западниот Брег

Почесниот професор по економија на универзитетот „Симон Фрејзер“ во Канада, Махмуд Хасан Кан, во 2021 година предложи решение за една држава засновано на правичност и практичност. Тоа подразбира прифаќање на изградените еврејски населби и доселеници на Западниот Брег, кои се околу 400.000.
Сепак, населбите во изградба ќе бидат отстранети, а постојните нема да се прошируваат. Уривањето на палестинските домови на Западниот Брег, во Ерусалим и околината ќе престане. Ќе се обезбеди компензација за урнати палестински домови за изградба на еврејски населби. Ќе се урнат сите бетонски ѕидови и ќе бидат отстранети безбедносните контролни пунктови на Западниот Брег и Ерусалим. Израелските безбедносни сили ќе се повлечат од Западниот Брег и ќе формираат заеднички безбедносни сили со Палестинците таму, како и во главниот град. Ќе се создаде федерација на Израел и Западниот Брег без Газа.
Предложената федерација би била бинационална држава: два народа со еднакви права би делеле заедничка територија. Ќе има три еднодомни законодавни тела, три високи суда и три извршни гранки – за Израел, Западниот Брег и федерално ниво.
Федерацијата би била секуларна демократска држава, во која сите би имале еднакви права. Арапите во Израел и на Западниот Брег ќе ги добијат истите права како и Евреите – право на сопственост, слободен говор, слободно движење и слободно гласање. Ерусалим би бил заеднички главен град на федерацијата. Заедничката безбедност, заедничката економска политика и заедничките пасоши треба да бидат водечки принципи.
Додуша, на идејата за федерација ѝ треба дополнителен развој. На Појасот Газа ќе му биде дозволено да стане суверена држава со отворени граници со новата федерација и Египет.
Идејата почива на премисата дека жителите на Газа и граѓаните на Израел не сакаат да живеат заедно, но секако можат да живеат во мир како соседи. Израел би ја прекинал окупацијата на Голанската Висорамнина и би ѝ ја вратил таа територија на Сирија под одредени услови. Сите жители треба да бидат слободни да патуваат и да работат низ целата федерација. Тие би имале ист пасош за патување во странство, но посебни национални лични карти. Федерацијата ќе воведе единствена валута и ќе користи фискални инструменти за намалување на сиромаштијата и нееднаквоста.
За реализација на овој модел, авторот предлага преоден рок од пет до десет години.

(Продолжува)