Словенечката претседателката Наташа Пирц Мусар денеска, по средбата со македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова, порача дека Словенија останува цврст поддржувач на европската интеграција на Македонија, како и дека ќе продолжи активно да се залага за забрзување на пристапниот процес на земјите од Западен Балкан во ЕУ.
На заедничка прес-конференција, Пирц Мусар одговори на новинарско прашање поврзано со иницијативата во Европската Унија – дел од одлуките да се носат со квалификувано мнозинство, наместо со консензус. Таа објасни дека Словенија е иницијатор и дел од група од 15 земји-членки што предлагаат отворањето на поедни преговарачки поглавја за земјите-кандидати да се одвива со квалификувано мнозинство, додека конечната одлука за прием во Европската Унија и понатаму би останала предмет на консензус меѓу земјите-членки.
Посочи дека повеќепати кажала и тоа ќе го повтори и денес, дека на државите-аспиранти им наложуваат огромна работа за да се прилагодат на правото на Европската Унија.
– На државите кандидатки им наметнуваме огромен товар за усогласување со европското законодавство. Кога Словенија влезе во Европската Унија во 2004 година, требаше да усогласиме околу 80.000 страници од европското законодавство, а денес земјите-кандидати мора да усогласат околу 95.000 страници. Истовремено, премалку се прашуваме што може да направи Европската Унија за процесот да биде побрз и поефикасен – истакна Пирц Мусар.
Според неа, сегашниот модел овозможува билатерални прашања и политички блокади да го попречуваат процесот на проширување.
– Денес Северна Македонија е во ситуација поради една земја членка да не може да отвори ниту едно поглавје. Тоа едноставно не е коректно и не е фер кон држава која сака да стане дел од Европската Унија – нагласи словенечката претседателка.
Таа додаде дека Словенија и натаму ќе дејствува во рамки на групата земји кои се залагаат за квалификувано мнозинство при отворањето на поглавјата и изрази надеж дека Европската Унија ќе ја препознае потребата од поефикасен процес на проширување.
Пирц Мусар оцени дека европската интеграција на Западен Балкан е клучна за мирот и стабилноста во регионот, но и за стабилноста на самата Европска Унија.
– Европската Унија пред сѐ е мировен проект. Новите членки носат стабилност и мир во регионот. За Западен Балкан, членството во Европската Унија мора да биде единствениот вистински пат кон стабилност – рече таа.
Македонската претседателка Силјановска-Давкова во својот одговор посочи дека на Балканот веќе постојат примери на регионална поддршка каква што постои меѓу скандинавските земји. Таа потсети на поддршката што Шведска, Финска и Норвешка им ја давале на балтичките држави во процесот на евроинтеграција и оцени дека сличен пример на Балканот е токму Словенија.
– Ако не сме спремни да го разбереме соседот во регионот и да го поддржиме, како може да очекуваме разбирање и поддршка во Брисел? Мислам дека тоа е логично и природно – истакна Силјановска-Давкова.
Таа ја поздрави словенечката поддршка за македонските евроинтеграции и оцени дека регионалната солидарност е неопходна за побрз напредок на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија.































