Црвено-жолтите ја победија селекцијата на Азербејџан со 40-17, в недела е дуелот на гости кај Литванија, која во првото коло загуби од Шпанија со 14-47. Првите две селекции од осумте квалификациски групи и најдобрите четири меѓу третопласираните репрезентации ќе се пласираат на ЕП 2024, на кое првпат ќе играат 24 репрезентации

РАКОМЕТ

Македонската женска репрезентација почна победнички во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во Унгарија, Австрија и Швајцарија во 2024 година, откако во Скопје во првото коло ја победи селекцијата на Азербејџан со 40-17.
Уште во почетните девет минути црвено-жолтите поведоа со 12 гола разлика. И во вториот дел доминацијата на црвено-жолтите продолжи, кои ја полнеа мрежата на противникот. По седум гола постигнаа левото крило Јована Саздовска и левиот бек Андреа Седлоска. Голманките Амра Терзиќ и Драгана Петковска имаа седум, односно шест интервенции. Кај гостинките прв стрелец беше десниот бек Марта Слеманова со шест гола.
Ова е најголемата победа на македонската женска репрезентација во нејзините досегашни квалификациски настапи, а резултатот е уште повреден ако се знае дека новиот селектор Кристијан Грчевски на овој меч ги поштеди од игра Сара Миновска, Леонида Гичевска, Симона Маџовска, Борјана Коцева, Сања Дабевска и Јована Мицевска.
Репрезентацијата на Литванија, која е вториот ривал на Македонија во овие квалификации, в недела (15 ч.) во Вилнус, загуби со уште поголема разлика (33 гола) на гости од фаворизираната Шпанија (14-47). Кај Литванките по три погодока постигнаа централниот бек Симона Колосова и десниот бек Манте Воскренскаја, од вкупно седум ракометарки што се впишаа во листата на стрелците. Кај Шпанките предничеше пикерката Елизабет Ромеро со седум погодоци. Македонија важи за фаворит и во вториот дуел од овие квалификации, со Литванија, која досега настапи само еднаш на ЕП, во 1996 година, кога го освои последното 12-то место. Македонија досега има шест настапи на ЕП, а најдобар пласман е остварен во 2008 година, седмо место.
Печат на колото му дадоа дуелите од четвртата група, каде што на двата меча домаќините постигнаа барем 50 гола. Словенија ја победи Летонија со 51-13, а Франција славеше на дуелот со Италија со 50-16.
Квалификациски мечеви ќе се играат и во февруари, март и во април в година. Првите две селекции од осумте квалификациски групи, како и најдобрите четири меѓу третопласираните репрезентации, ќе обезбедат пласман на ЕП 2024, на кое првпат ќе играат 24 репрезентации. Директно на континенталното првенство се пласираа европскиот првак Норвешка и селекциите на трите земји-домаќини. Г.И.


КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024, ПРВО КОЛО

Група 1: Романија – БиХ 49-17, Хрватска – Грција 32-22
Група 2: Германија – Украина (вчера), Израел – Украина (одложено)
Група 3: Чешка – Финска 31-21, Холандија – Португалија (вчера)
Група 4: Словенија – Летонија 51-13, Франција – Италија 50-16
Група 5: Македонија – Азербејџан 40-17, Шпанија – Литванија 47-14
Група 6: Ц. Гора – Турција 39-23, Србија – Бугарија 40-16
Група 7: Исланд – Луксембург 32-14, Шведска Ф. Острови (вчера)
Група 8: Данска – Косово (вчера). Полска е слободна