Фото: Маја Јаневска-Илиева

Образовните авторитети најчесто се обидуваат да ги објаснат проблемите со недостигот од учебници со технички и процедурални формалности, но во јавноста, односно меѓу наставниците и родителите на учениците сѐ погласно се артикулира ставот дека значителнa улога во создавањето на ваквата состојба креира и политичкото влијание. Досега во фокусот на јавноста беше внатрешното политичко влијание на општествените процеси, вклучувајќи ги и образовните. Меѓутоа одредени соговорници го извлекуваат на виделина и становиштето за „колосалната специфична тежина на надворешнополитичкото влијание, и тоа токму врз нашето образование и образовниот процес, во еден поширок контекст и перспективи, а во согласност со меѓународните договори што ги потпиша Македонија, со акцент на делот на имплементирање на резултатите од работата на историската комисија со Бугарија…“

Влијанието на историската комисија врз одобрувањето и издавањето на учебниците

Учебната година 2022/2023 длабоко го „загази“ првото тримесечје, а ветувањата за учебници за сите ученици, од Министерството за образование и наука се чини одат во насока да го заслужат атрибутот „празни“. Според релевантни информации, на почетокот на оваа учебна година, од предвидените 126 учебници потребни за наставата во основното образование, недостигаа дури 46. Поради ваквата состојба со учебниците, која се провлекува веќе неколку години, Комисијата за заштита и спречување на дискриминацијата одлучи да ја реализира ефективно најавата за тужба до Министерството за образование и наука.
– Нашата препорака беше кратка, децидна и јасна – обезбедете учебници за секој ученик, за секој предмет, на секој наставен јазик најдоцна до 31 август, ден пред почетокот на новата учебна година. И за тоа требаше писмено да нè известат. Ние го обезбедивме тој документ, има архивски број и произлегува од МОН. Од вкупно 126 учебници, 46 недостигаа. Тоа, според нашето мислење, е огромна нееднаквост. Кога комисијата констатира дека дискриминацијата зафаќа голема популација, во случајот илјадници ученици од основно образование, тогаш законот по кој работиме и ние и судот е лекс генералис и вели дека комисијата треба да поведе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес на највисоко судско ниво. И комисијата постапи, ни повеќе ни помалку од своите законски овластувања – објасни во медиумски настап Весна Бендевска, претседателката на Комисијата за заштита и спречување на дискриминацијата.

Временско совпаѓање на проблемите со недостигот од учебници со политичките предизвици генерирани од историската комисија со Бугарија

Образовните авторитети најчесто се обидуваат да ги објаснат проблемите со недостигот од учебници со технички и процедурални формалности, но во јавноста, односно меѓу наставниците и родителите на учениците сѐ погласно се артикулира ставот дека значителна улога во создавањето на оваа состојба има и политичкото влијание. И тоа политичко влијание, според јавноста, се детектира во очекување на имплементирање на резултатите од работата на историската комисија со Бугарија. За таквото „логично поврзување“ секако придонесува и реформирањето на училишните планови и програми, интегрирањето на предметот Историја со други предмети од општествените науки, почнувајќи од шесто одделение, поместување на историскиот дел (за значењето на Кирил и Методиј, Климент и Наум, за создавањето на глаголицата, т.е. кирилицата) во програмата за наставата по македонски јазик за шесто одделение во повисоките наставни години. За таквото размислување во јавноста, аргумент плус е и тоа што проблемите со доцнењето и недостигот од учебници почнаа да се појавуваат кога Бугарија го постави како услов за напредок на македонските евроинтеграции напредокот во работата на историската комисија.
– Историската комисија е политички формирана, односно формирана од политиката како своевиден параван, дека усогласувањето на некаква „заедничка историја“(?!) со Бугарија, наведена во политички билатерален договор со Македонија, е всушност одлука на историската наука, а не е политичка одлука. Практично комисијата треба да го „аминува“ она што го договорила политиката, да се прифати тој бугарски наратив на македонската историја, а членовите на комисијата, свесно или несвесно, учествуваат во креирање на таа „заедничка историја“. Веќе се договорени пет личности од средновековната историја, за заедничко чествување, практично е изразена согласност тие да бидат дел од таа „заедничка историја“ и сега тоа треба да се имплементира во историскиот наратив, во учебниците во Македонија и (според договорот) во Бугарија. Но со оглед на тоа дека Бугарија ги постави резултатите од работата на историската комисија како услов за напредување на Македонија во ЕУ, таа всушност се става во улога на поставувач на задачи, кои треба да се имплементираат во нашата историографија и образование. Бидејќи се прифатени пет историски личности за заедничко чествување, можеби се чека македонската страна да прифати уште нешто за тоа да се имплементира во учебниците, па тоа да е една од причините за доцнењето на учебниците по историја? Но можеби и учебниците доцнат, зашто нема кој да ги напише? Зошто членовите на комисијата не се нафатат да напишат учебници според договорот, односно задачите зададени од бугарската страна? Сето тоа значи создавање нова колективна меморија во Македонија, која треба да им се предава на новите генерации ученици, и тоа според бугарски наративи. Во овој миг, тешко можат да се најдат релевантни историски научници во Македонија што би се согласиле на спроведување на таква политичка задача, по желба и барање на Бугарија. Самиот сум бил автор на неколку учебници по историја, но немам намера да пишувам учебници по наратив што ми го наметнува комисијата – вели историчарот Тодор Чепреганов, поранешен директор на Институтот за национална историја на Македонија.

А дали нефункционалноста на институциите предизвикува криза
со учебниците?

Фактот дека во предложената преговарачка рамка за Македонија од ЕУ со анекс е внесена работата на историската комисија, според политичките аналитичари тоа значи дека македонските образовни програми и учебници практично треба да бидат одобрени во Бугарија. По малку саркастично, некои го коментираат недостигот од учебници со прашањето – дали можеби доцнат рецензиите од Софија?
Поранешниот член на историската комисија со Бугарија, Александар Литовски, кој ја напушти поради несогласување со начинот на работа и соработка со бугарската страна, сепак цени дека резултатите од работата на комисијата се уште многу далеку од тоа дека нешто треба да се имплементира.
– Мислам дека комисијата нема уште ништо решено што би требало да се имплементира во учебниците. Од друга страна, дури и ако нешто се реши, не значи дека тоа ќе се примени во образованието и учебниците. Изработката на учебници е врзано со авторски права и ако се помине низ редовна процедура (конкурси, избор на автори, рецензии…), не мора да значи дека ќе бидат прифатени во образованието решенија донесени од историската комисија. Сметам дека актуелниот проблем со недостиг од учебници е од сосема друга природа – нефункционалност на институциите, конкретно на Министерството за образование, што не може да ги спроведе квалитетно образовните реформи. Но не е исклучено дека политичкиот амбиент што го наметна спорот со Бугарија и историските барања и услови што ни ги поставуваат имаат влијание врз перцепцијата на јавноста за причините на општествениот застој во образованието и отпорот спрема образовните реформи – вели историчарот Александар Литовски.