КОШАРКА – ПРВИ ДВЕ КОЛА НА ЕВРОКУПОТ

Шортс е во врвот во неколку статистички категории

Македонскиот репрезентативен плејмејкер Ти Џеј Шортс, кој лани беше прогласен за најкорисен кошаркар (МВП) во Лигата на шампионите (ЛШ) на Светската кошаркарска федерација (ФИБА), играјќи за германски Телеком Бон, ја забележа и втората победа со францускиот клуб Париз, во второто коло во Еврокупот. По победата во првиот дуел дома над литвански Вулвс (105-78), Париз славеше на гости против Венеција од Италија со 81-75 (24-22, 16-19, 16-19, 25-15). Шортс за 27 минути и 29 секунди на теренот беше најефикасен во својот тим, со 18 поени (шест од 15 шута за два поена, шест од девет обида од слободни фрлања), а имаше два скока и шест асистенции. Според статистиката на официјалната интернет-страница на Европкупот, по два меча Шортс е прв според просекот асистенции по натпревар (7,5) и погодени удари за два поена (седум), втор според постигнати поени по меч (19)…
Во Еврокупот сезонава вкупно играат 20 клуба, поделени во две групи. По две кола во групата А Париз, Бешикташ, Лондон имаат по две победи, Хапоел ТА (од еден меч), Хувентуд, Прометеј по една, Вулвс (од еден натпревар), Венеција, Хамбург и Олимпија се без победа. Во групата Б засега со по две победи се Гран Канарија, Жи ел Бур и Клуж. По 14 кола, првопласираните две екипи од двете групи ќе се пласираат во четврт-финалето, а уште по четири тима од двете групи прво ќе настапат во осминафиналето. Г.И.


ФУДБАЛ

Барселона – тимот со најмногу стрелци

Барселона не само што е тимот што постигна најмногу голови во овие девет кола во шпанската фудбалска Ла лига (21) туку е и екипа што има најмногу различни стрелци. Нема друг клуб во петте најголеми европски домашни лиги (Англија, Шпанија, Франција, Германија и Италија) што има толку различни голгетери, пишува шпанскиот спортски дневен весник „Марка“. Во тимот на тренерот Чави Ернандез има 12 играчи што постигнаа голови сезонава. Во Ла лига, Жирона е втора со 11, а потоа, изедначени, со по осум, се Реал Мадрид, Атлетико, Хетафе, Атлетик Билбао, Рајо Валјекано, Осасуна и Севилја. Во најсилните пет првенства во Европа по 10 стрелци сезонава имаат Њукасл, Монако и Брајтон, по девет имаат голем број тимови, меѓу кои се на пример Баерн, Наполи, Рома, Арсенал…, пишува „Марка“. Фудбалерите на Барселона што ги тресеа противничките мрежи сезонава се Роберт Левандовски (пет пати), Феран Торес (трипати), Жоао Кансело, Рафиња (по двапати), Жоао Феликс, Педри, Кунде, Френки де Јонг, Серхи Роберто, Ламине Јамал, Гави и Фермин Лопез (по еднаш). Стрелците се од сите линии на тимот: одбрана, средина и напад. Во минатата сезона Барселона имаше 17 различни стрелци во Ла лига (најмногу голови постигна Левандовски, 23), пишува „Марка“. Н.М.