Првиот викенд од октомври традиционално започна ловната сезона на штетен крупен дивеч во општина Кичево. Околу 1.000 ловџии се упатија во планинските региони во општината, за да си ја испробаат среќата. Поголемиот дел од ловечките групи дома се вратија со богат улов, а за тоа придонесе и бројното присуство на дивата свиња во регионот.
-Во нашата општина функционираат три ловечки друштва и тоа најстарото и најголемо „Елен“ од Кичево, „Еко Фазан“ од Осломеј и „Сокол“ од Зајас или околу 1.000 ловџии членуваат во овие друштва. Нашите очекувања дека ќе имаме богата ловна сезона се базираат на фактот што во природата имаме енормно зголемување на дивата свиња, кои на добар дел од земјоделските површини ова лето направија огромни штети -вели Даме Петрески, од ловното друштво „Елен“ од Кичево.
Најдобра потврда дека годинава ловџиите од овој регион ќе имаат богат лов е и првиот богат ловен ден.
-Уште првиот ден нашата ловна група што ја сочинуваат 11 ловџии имаше богат улов, успеавме да отстреламе дури 5 диви свињи од кои 3 со завидна големина. Се надеваме и очекуваме и следните викенди да не следи среќата – вели Најде Талески ловџија од Кичево. З.А.