Фото: З.А

Планинарско еколошкото друштво „Ендорфин“ од Кичево, по повод 80 годишнината од првото училиште на македоснки јазик на слободна територија, утре 24 септември, организира планинарски марш на релација село Подвис, планински врв Планиница. Кампањата ќе се одвива по кружна планинарска патека во должина од 14 километри и висинска разлика од 730 метри.

– ПЕД „Ендорфин“ Кичево по повод 80 годишнината од првото училиште на мајчин македонски јазик на слободна територија, село Подвис, организира планинарски марш на релација село Подвис, црква „Свети Атанасиј“, Ледина и врв Планиница. Враќањето ќе одвива преку првото училиште на македонски јазик во старо село Подвис и ќе заврши во село Подвис – истакна Ели Ванчоска-Секулоска еден од инструкторите на овој марш.

-Според сатнината, стартот на акцијата ќе се случи во 6.45 часот. Пристигнувањето кај црквата „Свети Атанасиј“ се планира за 7.15 часот, додека пристигнувањето кај месноста Ледина ќе биде во 9.15 часот и по пауза од 10 минути следува искачување на врвот Планиница, каде се очекува учесниците на маршот да пристигнат во 11 часот. По пауза од 30 минути се поаѓа кон месноста „Вирчето“ а во 13.30 часот се планира пристигнување кај зградата на првото училиште во старото село Подвис. Маршот ќе заврши во сегашното село Подвис – додаде Ванчоска-Секулоска.

Пригодни обраќања по повод овој јубилеј ќе имаат професор д-р Веселинка Лаброска, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Скопје, м-р Давор Јанкулоски, од истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Б.Видоески“, Наде Молеровиќ, Иницијативен одбор за возобнова на првото училиште на македонски јазик во село Подвис и Добре Лазарески син на првиот учител во ова училиште Василко Ристески.

Потоа ќе следи доделување благодарници за учество, враќање кон долното село Подвис и официјален крај на маршот.

Зоран Антоски