Фото: Илустрација/ЦУК

Трите пожари кои беа активни на територијата на државата и со кои од вчера се бореа пожарникарите се изгаснати, информираа денеска претпладне од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

-Во моментов, сите пожари за коишто известивме за последното деноноќие – вкупно 27, се изгаснати – велат од ЦУК.

Според последната информација оттаму, изгаснати се пожарите кај селата Горно Количани и Драчевица во Општина Студеничани, каде што беше зафатена мешана шума, во село Орланци во Општина Арачиново, каде што гореше ниска шума и во село Мелница во Општина Велес, каде што со оган беа зафатени борова шума и сува трева.

Претходно, директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, по утринско извидување на теренот на планината Јакупица, каде вчера беснееше оган на надморска височина од над 1.500 метри, потврди дека и овој пожар е целосно изгаснат.

Овој пожар беше во атарот на селото Горно Врановце, на територијата на општина Чашка.

-Благодарение на тимот пожарникари од велешката територијална противпожарна единица, но и на храбрите пилоти на полициските хеликоптери, кои вчера во текот на денот истурија повеќе од 80 тони вода на овој планински пожар, којшто веќе беше навлезен во квалитетна шума, утрово можам да потврдам дека пожарот е целосно изгаснат – изјави Ангелов.

Освен на наведените локации, како што информираа од ЦУК, пожари вчера имало и во општините Студеничани, Битола, Прилеп, Кривогаштани, Крушево, Струмица, Радовиш, Струга, Дебар, Велес, Неготино, Кочани, Куманово, Липково, Брвеница и Гостивар, каде претежно гореле сува трева, ниска шума, стрништа и депонии.