Денеска во Бризбејн (10 ч.), Австралија, ќе се одигра мечот за третото место против Шведска, а утре во финалето во Сиднеј (12 ч.) ќе се сретнат Англија и Шпанија, селекции што никогаш не ја освоиле светската круна

ПРЕД ЗАВРШНИЦАТА НА СП ЗА ФУДБАЛЕРКИ

Полуфиналето на Светското првенство (СП) во фудбал за жени меѓу Австралија и Англија, кое се одигра во Сиднеј, го следеле просечно седум милиони гледачи, што е нов рекорд за австралиската телевизија откако води евиденција на бројот на гледаност. Поразот во полуфиналето на Австралијките беше најгледаната телевизиска програма во Австралија, со 11,5 милиони гледачи на популација од околу 25 милиони, јавуваат австралиските медиуми.
Просечниот број на гледачи беше 7,13 милиони, наспроти 4,2 милиони за четврт-финалето против селекцијата на Франција. Тоа е поголема гледаност и од финалето на тенискиот гранслем Австралија опен во 2022 година, кое го освои домашната женска тениска ѕвезда Ешли Барти, но и поголема од 5,56 милиони што гледаа како Австралиецот Лејтон Хјуит загуби на Австралија опен во 2005 година. Државниот Канал седум објави дека овој фудбалски меч е најгледаната програма, спортска или која било, откако во 2001 година било воведено да се следат бројките за гледаност.
Селекторката на женската репрезентација на Англија, која ја донесе за првпат во финале на едно СП репрезентацијата на Холанѓанката, Сарина Вигман, би можела да ја преземе машката репрезентација на Англија! Актуелната селекторка на европскиот првак, според првичните извештаи на американскиот меѓународен спортски канал ЕСПН, е главниот фаворит за наследник на актуелниот селектор на машката селекција на Англија, Герет Саутгејт, за Светското првенство во 2026 година. Овие шпекулации ги потврди и првиот човек на фудбалскиот сојуз на оваа земја, Марк Билингем.
– Многу е веројатно дека Сарина Вигман ќе го замени Саутгејт како селектор на Англија. Среќен сум поради неа и што ѝ оди многу добро. Таа е најдобрата личност за наследник на Саутгејт. Не е важно што е жена ако таа е најдобриот кандидат – самоуверено изјавил Билингем.
По поразот во полуфиналето, Австралијките (првпат се борат за бронза), денеска во Бризбејн (10 ч.) ќе го одиграат натпреварот за третото место против Шведска (имаат сребро од СП 2003 и бронзи од 1991, 2011 и 2019), а утре во големото финале, во Сиднеј (12 ч.), ќе се сретнат Англија (има сребро на СП 2015 и бронза во 2019) и Шпанија, но и репрезентации што досега никогаш не биле светски шампиони, а Шпанките, пак, не стигнале ни до четврт-финале.
Најуспешна репрезентација на мундијалите се САД, со четири први места (1991, 1999, 2015, 2019), а следува Германија со две (2003 и 2007), додека Норвешка (1995) и Јапонија (2011) имаат по една титула. Светот утре ќе ја добие петтата нова селекција во историјата што го подигнала посакуваниот славенички пехар на вкупно деветте одиграни мундијали. Г.И.