Сингапур го има најмоќниот пасош во светот, според индексот за пасоши на „Хенли“, а неговите граѓани можат да посетат 192 земји без виза. Германија, Италија и Шпанија се на заедничкото второ место, а нивните граѓани можат да посетат 190 земји. И покрај тоа што САД се малку подолу на листата, на осмото место, тие сепак имаат значителна моќ, овозможувајќи им на граѓаните да влезат во 184 земји без поголеми ограничувања. Тоа е ниво на слобода што го уживаат и литванските пасоши.
На другиот крај на скалата, состојбата е многу поинаква. На пример, за сопствениците на пасоши од Авганистан, Ирак и од Сирија патувањето е поограничено за повеќето земји. Авганистанскиот пасош има најмала моќ во рангирањето, со само 27 дестинации дозволени без визи. Сликата не е подобра ниту за Ирак, со чиј пасош може да се патува без ограничувања во 29 земји, додека со сирискиот на 30 дестинации.
Индексот за пасоши на „Хенли“ се добива од податоците на Меѓународната управа за воздушен транспорт (ИАТА), вклучувајќи 199 различни пасоши и 227 дестинации за патување.