Европската комисија сака да се казнат или исклучат дигиталните платформи што нема да ги отстранат веднаш штетните содржини / Фото: ЕПА

Групите за заштита на човекови права стравуваат дека предлог-законот на европскиот блок за контрола на содржините на дигиталните платформи би можел да се искористи за да се потисне несогласувањето на интернет, истакнува Клотилде Гужар за „Политико“

Предупредување од европските активисти за нарушување на слободата на изразување

Десетици меѓународни невладини организации за дигитални и човекови права бараат од Европската комисија цврсто да ја отфрли можноста нејзиниот нов закон за контрола на содржините на дигиталните платформи да се користи за принудно исклучување на социјалните медиуми. Коалицијата од 65 непрофитни организации, вклучувајќи ги и „Пристап сега“, Фондацијата за електронски граници (ЕФФ) и „Член 19“, го повикаа комесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон да ги разјасни „провокативните изјави“ и да потврди дека дигиталните платформи како Тикток, Снепчет и Твитер нема да бидат блокирани за време на протести според Законот за дигитални услуги (ДСА). Во писмото, кое го виде исклучиво „Политико“ и беше испратено до Бретон, невладините организации предупредија дека коментарите на политичарот може да ги охрабри авторитарните влади „почесто да го ограничуваат пристапот до интернет“.

Активистите на нозе

Бретон на почетокот на јули рече дека Европската комисија ќе може, според ДСА, да ги казни и да ги забрани мрежите на социјалните медиуми да функционираат во земјите од Европската Унија што нема веднаш да ја отстранат содржината со говор на омраза. Бретон реагираше на коментарите на францускиот претседател Емануел Макрон, кој бараше да се исклучат некои социјални мрежи за време на немирите што следуваа откако полицијата уби тинејџер.
Елишка Пиркова, лидерка на невладината организација за глобалната слобода на изразување „Пристап сега“, оцени дека давањето таква кратковидна изјава, што може да сугерира дека произволното блокирање на онлајн платформите може да биде оправдано во ЕУ, навистина може да испрати многу опасна порака. Таа додаде дека нејзината организација поседувала многу податоци и докази што покажуваат дека исклучувањето на Интернет главно се користи како алатка за сузбивање на несогласувањето и опозицијата или активизмот за човекови права, особено за време на протести.
Групите исто така ја повикаа Европската комисија да се погрижи земјите на ЕУ, како Франција, да не го спроведуваат ДСА на „премногу широк“ начин. Тие рекоа дека францускиот нацрт-закон содржи загрижувачки мерки за слободата на говорот на интернет, вклучувајќи и 24-часовен рок за платформите да ја отстранат содржината и блокирање веб-страници базирани на прелистувачи.

Што може да се очекува од предлог-законот?

Во 2022 година, „Пристап сега“ забележа над 60 исклучувања на интернет за време на протести во земји како Индија, Иран, Мјанмар и Казахстан. Големите платформи, како Фејсбук и Јутјуб, ќе се соочат со нови обврски според ДСА за ограничување на ширењето нелегална и штетна содржина, почнувајќи од 25 август. Казните може да достигнат до шест отсто од приходите на компаниите. Законот им дозволува на регулаторите да бараат од судовите привремено да ги суспендираат „непослушните платформи“ доколку одбијат да се усогласат со важните обврски што можат да ги загрозат животите и безбедноста на луѓето.