Ракометарите на Вардар го доживеаја и вториот пораз во годинашнава Лига на шампионите (ЛШ), откако вечерва во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје во рамките на 7. коло, загубија од осумкратниот европски првак, шпанска Барселона со 26-30, со што останаа на 10-те бода, заедно со Левен и Киелце, додека Барселона е прва со 14 во групата А. Двата клуба досега во ЛШ ги одмерија силите 14 пати, а далеку поуспешни се Шпанците со 11 победи, едно реми и два пораза.
Барселона го доби првиот дел со четири гола предност, 14-9. Уште од првата минута го диктираа темпиото на игра и постојано беа во водство, а најголемата предност од шест гола беше видена во 28-та минута (13-7). Сепак, во финишот вардарци успеаја да намалат на четири негатива. Во овој дел кај црвено-црните, кои направија дури седум технички грешки, најефиксен беше левото крило Тимур Дибиров со три гола од три обида, а кај гостите левото крило Каспер Мортенсен исто така со три погодоци, но од пет обида.
Второто полувреме се очекуваше да донесе повеќе возбудување, но резултатот беше нерешен, а со тоа остана и разликата од првите 30 минути во корист на Шпанците.
Одбраната на Барселона беше небробивна за избраниците на вардаровиот тренер Роберто Парондо. а разликата од четири до седум гола беше лесно одржлива.
Најефикасни кај црвено-црните беа Дибиров со шест гола, Даинис Кристопанс даде пет, а Иван Чупиќ со четири. Кај Барселона предничеше францускиот бек Дика Мем со осум гола од 13 обида. Во следното 8-то коло (17. ноември) Вардар ќе игра против истиот противни, но сега во Барселона.
Г.И.