Избрани најдобрите литературни и ликовни творби на конкурсот на „Колибри“- „Херојот по кого мојата улица го добила името“
Драги деца, уште една наша заедничка соработка е заокружена со добри резултати. На нашиот литературен и ликовен конкурс, насловен „Херојот по кого мојата улица го добила името“, на адресата на „Колибри“ стигнаа голем број ваши творби од цела Македонија. Жирито во состав Марија Таушанска уредничка на „Колибри“, Филип Димкоски, поет, и Славица Танеска, уметница, од големиот број убави раскази, песни и цртежи ги избра најдобрите шест, по три во двете категории, на чии автори ќе им подариме по една книга од издателството „Македоника литера“.
Ги споделуваме имињата на авторите на наградените творби:
Првото место за литературна творба сосема заслужено го доби Горазд Трајковски (11), кој ни испрати расказ и песна во акростих за херојот од неговата улица и општина Ѓорче Петров во Скопје, како и цртеж. Бидејќи навистина се потрудил, ќе добие две книги.
Во оваа категорија, второто место го освои Софија Карапуцева, 3-а одделение во ОУ „Петар Мусев“ во Богданци, за песната насловена „Мојата улица Илинденска се вика“, а третото место е за Ангела Димитрова од Велес, која својата песна им ја посвети на сите заслужни херои по кои многу улици го добиле името.
Во ликовниот дел, првото место му припадна на Андрија Нацески, 4-2 одделение од ООУ „А. Савевски Ќиќиш“ во Тетово, кој го наслика Гоце Делчев, како што се вика неговата улица. Второто место е за Јованче Ројдев, ученик во ООУ „Васил Главинов“ во Велес, кој, пак, го наслика Павел Шатев, а третото место е за Ведран Тасковски, 2-1 одделение во ОУ „Св. Климент Охридски“, с. Драчево, Скопје.
Сите наградени творби ги објавуваме во денешниот број.
Од срце ви се заблагодаруваме за соработката и за вашиот голем одзив, а секако благодарност упатуваме и до вашите ментори, кои секогаш ни излегуваат во пресрет за реализација на нашите активности.
Ви посакуваме убав и безгрижен летен распуст, а од есен повторно ќе ве ангажираме во други интересни проекти.
Ве сака вашиот верен придружник „Колибри“!
Прво место на петтоодделенецот Горазд Трајковски му донесоа составот и песната во акростих за Ѓорче Петров
Прво место
Мојата улица
се вика Ѓорче Петров!
Мојата улица се вика Ѓорче Петров!
Таа се наоѓа во градот Скопје, а мојот дом е во средина на општината со исто име Ѓорче Петров.
Имам многу убав поглед низ мојот прозорец од детската соба кон високата и раззеленета планина Водно, а птиците во лет и со птичја песна ми ги разубавуваат мислите. Забележувам пролетта полека си заминува и топлото лето ни пристигнува во нашата општина и истоимената улица Ѓорче Петров, кои гордо го носат името на еден наш познат македонски народен херој, Ѓорче Петров!
Излегувам од домот и обожавам да прошетам низ паркот Сарај, кој е во непосредна близина на мојот дом. Уживам во густите сенки на високите тополи и раскошните големи дрвја покрај реката Вардар. Во паркот најубаво ми е кога сум покрај најстарото дрво – чинарот во нашата општина, тоа е украс што се наоѓа на составот на реките Вардар и Треска, а нешто потаму им се придружува и реката Лепенец. Обожувам да го поминувам времето во дружба и со дедо ми Зоран додека сме на риболов во паркот, а реките во нашата општина изобилуваат со жив свет, а најмногу има риби. Сме уловиле пастрмка, бојкин, мрена, рак, а во поголемите длабочини има крапови и сомови, капиталци.
За празниците ги посетуваме црквите во нашата близина на нашата улица, а најголема од сите и во центарот на општината е црквата „Св. Петар и Павле“, но вистинска убавина е и манастирот „Св. Ѓорѓија“ во местото Кучково.
Уживање и атракција се и водопадите, боровата шума и убавите пејзажи во мојата општина Ѓорче Петров.
Особено среќни и горди сме на спортовите и спортистите, кои гордо како амбасадори го претставуваат името на нашата општина и главната улица – мојата улица, секаде низ светот. Солзи радосници извираат секојпат кога ќе се изговара и пее името на нашата општина и истоимената улица Ѓорче Петров, која секогаш ни дава сила и нѐ бодри да се стремиме да бидеме секогаш подобри личности.
Мојата општина и мојата улица носат име на херој, Ѓорче Петров е мојата мила татковина!
Напишал: Горазд Трајковски, 5- а одделение
Второ место
Мојата улица
Илинденска се вика
Мојата улица Илинденска се вика,
И денес со детска смеа и радост блика.
Но потсетник тоа име е на борба,
На јуначка сила, против тиранија гнила!
На јунаците од Илинденското востание
Не им е мил златен ланец,
Слобода или смрт, велат, братски заедно
Во својата татковина никој не е странец.
Неважно дал си стар или млад,
Сеќавај се на борбата, мил мој град.
Софија Карапуцева
3-а ОУ „Петар Мусев“ – Богданци
Трето место
Херојот по кого
мојата улица го
добила името
На аголот на мојата улица
одекнува легенда,
херојот чиј еп се протега.
Име врежано во времето кое се спојува,
оној што ја осветлува секоја авенија.
Под уличните светилки,
кои светат толку силно.
се собираме како еден,
споделувајќи приказни секоја вечер.
Од врата до врата,
подадена рака за помош,
Градење заедница која
никогаш нема да се свитка.
Децата играат по улиците
во неговото име,
родителите накратко ги раскажуваат
неговите подвизи.
Тој е олицетворение на надежта
и храброста,
херој кој бдее над нашето наследство.
Во секој агол на овој благороден град,
неговиот ум лебди како реалност.
Херојот чие име вечно свети,
тој живее преку нас, во вечноста.
Автор: Ангела Димитрова, Велес
Ѓорче Петров
Ѓорче Петров е името на мојата улица и општина, именувани по народен македонски херој
Особено секогаш со насмевка велиме општината и истоимената главна улица се татковина наша.
Реките Вардар, Треска и Лепенец минуваат низ општината низ брзаци и
Чинар стар за восхит имаме во паркот Сарај токму преку мостот на Састав, а
Единствени водопади за уживање кај Кучково се атракцијата наша.
Пампорче е возот поставен во паркот
Ете во минатото возел и до Охрид храбро.
Традиција е за празник во црквата „Св. Петар и Павле“ да си појдеме.
Радост ни се спортистите, кои се амбасадори секаде во светот и ние ги бодриме, на
Општината и истоименото име на мојата улица го изговараме со гордост, така е кој било да нѐ праша, а
Водопадите, боровата шума и пејзажите се вистинска убавина наша.
Напишал:
Горазд Трајковски 5-а одделение