Командантот на мисијата на НАТО во Косово (КФОР) генерал-мајор Микеле Ристуча ги повика Косово и Србија да избегнат непотребна реторика и да се вратат на дијалогот – јавува „Анадолија“.
Во изјавата за новинарите во штабот на КФОР во Приштина, Ристуча истакна дека ситуацијата на северот на Косово е сè уште тензична и покрај навидум мирната атмосфера.
– Ги повикувам двете страни да избегнуваат непотребна реторика, да седнат на маса и да се вратат на дијалогот, што е единствениот начин да се реши ситуацијата – нагласи тој.
Командантот на КФОР рече дека мнозинството жители на Косово сакаат да живеат во мир.
– Драстичното намалување на бројот на војниците на КФОР од 1999 до 2023 година е многу јасен показател за многуте постигнати успеси. За жал, денешната динамика не прави многу загрижени за овие достигнувања и двете страни мора да ги деескалираат тензиите и што поскоро да најдат политичко и дипломатско решение – рече Ристуча и додаде дека има само политички, а не воени решенија.
Посочувајќи дека НАТО испраќа дополнителни војници на Косово за подобро да се соочи со предизвиците, Ристуча рече дека „придонесот на турските сили е важен за нас, тој ни овозможува да имаме поголема флексибилност за да се соочиме со оваа ситуација“.
На почетокот на јуни на Косово пристигна засилување од речиси 500 турски војници како дел од КФОР. Тие беа распоредени минатата недела во општина Зубин Поток, на северот на Косово, каде живее мнозинско српско население.