Фото: пиксабеј

Специјалниот известувач на Обединетите нации за човекови права во Авганистан, Ричард Бенет, пред Советот за човекови права во Женева изјави дека дејствијата на Талибанците кон авганистанските жени и девојчиња може да се третираат како „родов апартхејд“, бидејќи владата продолжува сериозно да ги крши нивните права.

– Тешката, систематска и институционализирана дискриминација на жените и девојките е во срцето на идеологијата и правилата на талибанците, што исто така предизвикува загриженост дека тие можат да бидат одговорни за родовиот апартхејд –  рече Бенет во извештајот, кој го опфаќа периодот од јули до декември. 2022, а пренесе „Танјуг“.

Тој им рече на новинарите дека е истакната потребата да се истражи родовиот апартхејд, кој во моментов не е меѓународен криминал, но може да стане.

Портпаролот на талибанците Забихула Муџахид изјави дека талибанската администрација го спроведува исламскиот закон и ги обвини Обединетите нации и западните институции за, како што рече, „пропаганда“.

– Извештајот на Ричард Бенет за ситуацијата во Авганистан е дел од таквата пропаганда која не ја одразува реалноста – се вели во соопштението на Муџахид.

ОН го дефинира родовиот апартхејд како „економска и социјална дискриминација на поединци поради нивниот пол – објави „Ројтерс“.

Талибанците ја презедоа власта во август 2021 година и оттогаш драстично ги ограничија слободите и правата на жените, вклучително и посетувањето средно училиште и колеџ.

Во април, талибанските власти почнаа да спроведуваат забрана за авганистанските жени кои работат за ОН.