Со оглед на сензитивноста, но и значењето на целата оваа материја поврзана со дилемите за зафатите над Уставот, во насока на измени како услов за наша евроинтеграција и во насока на наоѓање најоптимално решение, кое пред сѐ ќе биде во интерес на македонскиот народ и држава, нашиот весник ги анализира трите најзастапени гледишта во однос на најавените промени на Уставот. Постои ли сценарио во кое недвосмислено ќе се заштити и зајакне македонската нација,
нејзината улога и значење во создавањето на државата, и истовремено ќе го продолжиме патот кон Унијата како државотворен и целосно рамноправен народ во европското семејство на народите
РАЗЛИЧЕН ОПШТЕСТВЕН ДИСКУРС ВО ВРСКА СО УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ
Во екот на дебатата поврзана со уставните измени, како наметнат услов за почнување на преговорите со ЕУ, во домашната јавност се издиференцираа главно три различни гледишта во однос на оваа значајно политичко прашање. Токму деновиве работната група задолжена за уставните измени треба да излезе и со одредени иницијативи и предлог-решенија за тоа во која насока би се движеле уставните измени. Но она што може јасно да се насети е дека предложените промени за кои е ангажирана работната група нема да се направат во нормативниот дел на Уставот, туку предмет на работа ќе биде преамбулата на Уставот, во која треба да се вметнат и други етнички заедници.
Според претседателката на работната група за уставни измени Маргарита Цаца Николовска, уставотворецот од самиот почеток при формулирањето на преамбулата оставил отворена врата со зборот „и други“ и тука сега може да се вметнат и другите народи за кои имаме барања и обврска да ги внесеме во Уставот. Но токму во таа насока многу е важно како да се направи дистинкција во дефинирањето на мнозинскиот државотворен народ, како што е македонскиот народ, во однос на малцинските етнички заедници. Истражувањето и анализата што ги спроведе нашиот весник покажуваат дека никаде во европски и во светски рамки не постои изедначување на малцинството со мнозинскиот народ, како што сега некој предлага кај нас, туку, напротив, јасно е изразена дистинкцијата во однос на тоа кој е носител на државноста, сувереноста и унитарноста на државата. Затоа, со оглед на значењето, но и сензитивноста на целата оваа материја, и во насока за наоѓање најоптимално решение, кое пред сѐ ќе биде во интерес на македонскиот народ и држава, ги анализираме трите најзастапени гледишта во однос на прашањето за најавените промени на Уставот.
СЦЕНАРИО 1: Без промена на Уставот
Првата варијанта, која ја застапуваат дел од граѓаните и некои од политичките субјекти во државата, е категорично против промена на Уставот и без внесување на Бугарите во него. Според поддржувачите на оваа опција, со тоа ќе се заштитат македонските национални интереси и нема да се дозволат дополнително разградување и деноминација на македонскиот национален супстрат.
Резултатите од последните истражувања и анкети на јавното мислење покажуваат дека мнозинството македонски граѓани се против внесување на Бугарите во Уставот, додека пак мнозинството албански испитаници се изјасниле за внесување на Бугарите во Уставот. Историчарот Бранислав Светозаревиќ деновиве во Албанија јасно искажа резултати од истражувања, дека мнозинството Македонци се против внесувањето на Бугарите од Македонија во Уставот, додавајќи дека тоа е реакција на граѓаните во Македонија на фактот што „Софија не ги признава Македонците во Бугарија, а со самото тоа и Македонците во Македонија“. А токму резултатите од анкетите покажуваат дека во однос на внесувањето на Бугарите во Уставот постои голема политичка, но и етничка, поларизација во нашата држава, што понатаму може предизвика и други негативни последици и застои по општеството. Деновиве и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, предупреди дека постои можност Албанија и Република Македонија да бидат одвоени во преговарачкиот процес за влез во ЕУ, бидејќи Република Македонија има одредени услови, кои доколку не ги исполни, нема да може да продолжи понатаму. Доколку Македонија биде тргната од европскиот пат, тоа секако ќе се одрази и на домашната сцена (и тоа на различен аспект – политички и економски).
Од друга страна, со прифаќањето на францускиот предлог, Македонија како држава се обврза да ги спроведе сите барања и очекувања од Европската Унија, меѓу кои и уставни измени, кое доколку не се случи, може да се толкува и како прекршување на договореното, што веројатно ќе ја оддалечи Македонија од ЕУ на подолг рок, тврдат некои од аналитичарите.
СЦЕНАРИО 2: Внесување на Бугарите во Уставот според францускиот предлог
Втората варијанта, која ја застапуваат главно владејачките партии во државата и дел од граѓаните, е во најбрз можен рок да се направат уставните измени со внесување на Бугарите во Уставот. Со тоа би се исполнила преземената обврска со прифаќањето на францускиот предлог и потпишаниот протокол со ЕУ и би почнале преговорите со Европската Унија. Но токму евентуалното брзоплето прифаќање на европските, поточно бугарските барања носи и мноштво непредвидливи ризици по македонскиот народ и држава. Еве и зошто.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, неодамна, за време на престојот во Брисел, изјави дека Македонија мора да го промени својот устав и тоа би било чекор кон решавање на спорот меѓу Софија и Скопје. И на средбата со претседателот на Хрватска пред два дена, Радев изјави дека влегувањето во Уставот на Македонија за Бугарите е единствена опција како – државотворен народ?! Радев неодамна малициозно забележа дека Македонија „може да зборува дека гради модерно мултиетничко општество тогаш кога ќе собере сила да ги впише сонародниците на Гоце Делчев во својот устав“(!?).Со вака искажаниот став станува повеќе од јасно дека пораката што ја испраќа бугарскиот претседател е дека Бугарите во македонскиот устав можат да бидат внесени само како државотворен народ. Дека очекувањата на бугарските власти се токму во таа насока можеше да се препознае и преку барањето на официјална Софија бугарски претставници да бидат вклучени во работното тело за уставни измени во Македонија. Значи, Бугарија нема да прифати само обично допишување на Бугарите во Уставот заедно со сите други малцинства, туку очекува многу повеќе, за да ги оправда и утврди своите вековни позиции и негаторски ставови во однос на посебноста на македонскиот идентитет, јазик и историја. Такви промени на Уставот се неприфатливи за македонскиот народ и држава и тоа во никој случај не смее да се дозволи. Зашто, на крајот на краиштата, што ќе ни е ЕУ, ако патем ја загубиме и Македонија, а и себеси како Македонци.
СЦЕНАРИО 3: Внесување на Бугарите и други малцински заедници во Уставот со истовремено рафинирање на концептот на Уставот како национален и
дефинирање на државотворниот статус на македонскиот народ
Третото гледиште во однос на уставните измени и евроинтеграциите, кое главно го застапува стручната јавност, е многу внимателно да се направат уставните измени со внесување на Бугарите и други малцински заедници во него, но истовремено да се унапреди и зајакне и статусот на македонскиот народ, кој преку уставните измени дополнително ќе биде издигнат на едно повисоко ниво, како основа или темел на државата. Според правните експерти, токму во уставната преамбула се потенцира кој и по чија волја го донесува Уставот, дадени се целите, се наведуваат и темелите на државноста, карактерот на државата, носителот на државноста, а тоа во нашиот случај е македонскиот народ.
Впрочем, широкораспространета уставна практика во повеќе држави во светот е токму во текстот на преамбулата да се наведе нацијата како основа или темел на државата и државноста, поради што се нарекуваат и „национални устави“!Такви преамбули имаат: Ирска, Словенија, Хрватска, Шпанија, Унгарија, Франција, Германија, Полска, Словачка, Естонија, Летонија, Литванија и други. Во тој правец, при евентуалните измени на преамбулата на македонскиот устав, мора дополнително да се зајакнат и нагласат значењето и улогата на македонскиот народ, како единствен државотворен и мнозински народ во Македонија и носител на државноста. Сите други се припадници на етнички заедници, кои, според меѓународното право, се малцински заедници, кои секако се еднакви пред Уставот и законите, независно од етничкото потекло, верското уверување, социјалниот статус, општествената положба или партиската припадност, велат познавачите на уставната материја.
Впрочем, и известувачот на ЕУ, Илхан Ќучук, во својата последна резолуција за Македонија ја поздравува добро воспоставената хармонија меѓу заедниците кај нас и ја повикува земјата да ја задржи својата долгогодишна посветеност на мултикултурализмот и инклузијата. Ако Илхан Ќучук прави јасна дистинкција и ја поздравува добро воспоставената хармонија меѓу заедниците и ги поздравува мултикултурализмот и инклузијата, сосема е јасно дека Бугарите во Уставот можат да бидат запишани само и единствено како дел од некоја малцинска заедница, односно етничко малцинство, што, пак, е сосема различно од мнозинскиот македонски народ како носител на државноста и сувереноста. Зашто уставна категорија во Македонија е само македонскиот народ како етнос, а Бугарите и другите не се народ во Македонија.
И Венецијанската комисија како тело на ЕУ како „позитивен тренд“ во однос на прашањето на малцинствата издвојува четири основни принципи на меѓународното право што треба да ce почитуваат, а тоа се територијалниот суверенитет на државите, добрососедските односи, човековите права и основните слободи.
Следствено на тоа, јасно е воочливо дека јасно се апострофира и нагласува значењето на унитарниот карактер на државата, како и нејзиниот суверенитет, кој извира од мнозинскиот народ, односно ентитет, а во нашата држава тоа е единствено македонскиот народ.
Во таа насока како заклучок се наметнува дека токму зајакнувањето на статусот на македонскиот народ и јазик и во преамбулата на Уставот е повеќе од потребно во време кога се прават засилени идентитетски напади од соседството. Единствено тоа може да биде некаква вин-вин ситуација од сегашниот безизлез во кој е втурната нашата држава.