Драги мои, во август 2021 година на страниците на почитуваната „Нова Македонија“, на која по едногодишна пауза се враќам со огромно задоволство, ја објавив колумната „Вкусот на тегла со вкус на путер од кикиритки“, во која, за жал со метафори од американски филмови, објаснувам дека сите оние што сега јадат од „теглата“ што им ја дала Америка, кога ќе ја изедат ќе мора да свикнуваат на друга храна, затоа што со заминувањето на Америка од Балканот (еден ден, кога и да е тој ден, секако ќе се случи, нели?!) ако има место во последниот хеликоптер што ќе полета од покривот на амбасадата на Кале (како оној од амбасадата во Сајгон од април 1975 година), ќе мора да бегаат и тие! Да бидам најискрен, и во други две мои постари колумни самозамислено за мојата важност сум ѝ пишувал на тогашната амбасадорка Кејт Брнз дека треба да биде многу внимателна кога се расфрла со изјавите дека таа и Америка, кај и да е, ќе ни ја испорачаат правдата во форма на борба против корупцијата! И убаво ѝ „забележав“ на госпоѓата дека ако навистина се запне за тоа Америка да создаде систем на владеење на правото, тогаш ќе нема ниту еден државен функционер што ќе може да ги оствари нивните очекувања за промена на имиња, идентитети, закони за проценти, договори со Бугарија и други работи од нивен геостратегиски интерес, од причина што сѐ што ќе биде побарано да се направи ќе биде спротивно на правдата! И уште пострашно. Ако таа и нејзината влада направат да функционираат институциите на ова каква-таква држава, сите политичари што тие ги поддржуваат, што отворено, што прикриено, ќе треба да завршат по затвори, затоа што нема закон што во овие седум-осум години тие наши политичари не го прекршиле!
Но, не само што бев ставен „на игнор“ туку новата амбасадорка во северната будалија уште не стапната во земјата на северџанското граџанство и подаништво, уште од Вашингтон се закани дека веќе нема да има, да ми извинете на изразот, „факинг заебанции“ и дека таа лично и персонално, во амбасадорскиот куфер, ќе го донесе владеењето на правото во форма на „црна листа“ на која ќе се најдат сите оние хохштаплери (чесните читатели да ми извинат на изразот!) што ги нарушуваат правото и правдата и се корумпирани! И колку очекувано, како во холивудски филм, откако новата мадам е тука, секој ден, ама секој ден, сме сведоци на настани со политичари и власти (на кои и таа многу често е видно расположено присутна!) каде што дозволува да уринираат на правото, правдата и борбата против корупцијата!
Ако вака продолжи приказната, имам чувство дека многу скоро ќе бидеме сведоци како „борбата против корупцијата“ и „владеењето на правото“ ги ставаат во нокшир и, заедно сосе „северномакедонскиот устав“, доцна навечер ги фрлаат во Вардар! Драги мои, ако во првите пет минути од филмот во експозицијата, фабулата е за семејство што живее во среќа, љубов и разбирање, веќе во заплетот ќе се случи катастрофа, која во кулминацијата, расплетот и крајот ќе заврши со трагедија од епски размери, и она на почетокот среќно семејство ќе потоне во пеколот на сопствените лаги, измами и заблуди! Извинете, така е, ама секогаш и во сите американски филмови. Така ќе биде и во оваа тривијална мелодрама, на која американската амбасадорка на крајот од филмот ќе се потпише на кредитите, најверојатно како режисерка. Колешката, за разлика од мене, кој се занимавам со фикции, го режира живиот живот на народот во една земја. Аман „диар фелоус“ Американци, ова не е филм, ова е нашиот живот, кој ако не друго, имаме право, според вашата правда, барем да си го раскажеме на свој начин. Гејм овер. Тхе енд. Америка не ни е никаков пријател, никаков помагател, никаков спонзор на што и да е праведно. Америка не ни е никаков „стратегиски партнер“. Такви флоскули политичарите можат да кажуваат колку што си сакаат. Ги разбирам. Тоа е јазикот на политиката. Ама јас не сум, а и немам намера да станувам политичар, па ќе го зборувам тоа што ми го кажува здравиот разум. А што кажува тој? Не ти е партнер, пријател, поддржувач, уште одозгора на сѐ и стратегиски не знам што, ако тој некој пред сѐ друго не ти ги почитува името, идентитетот, определбите и елементарните чувства! Какви пријатели ти се тие дипломати што дошле во твојата земја, а ниту еднаш, во ниту една пригода не те испочитувале и не ти се обратиле како на Македонец, туку кога комуницираат со тебе ти се обраќаат со еуфемизми или те именуваат по вера или, што е уште полошо, те ословуваат погрдно и навредливо! Тоа не е чин на пријателство, никаде, во ниту едно стратегиско партнерисување за што и да е. Да не се лажеме, сѐ што Соединетите Американски Држави прават тука има крајна цел да ги заштити интересите на Албанците, кои реално се единствени американски стратегиски партнери во Македонија. И дополнително националните интереси на соседите во однос на нас, а никако и за ништо интересите на Македонците! Зошто се правиме на удрени? И малите деца разбираат дека и ова со фирмата „Бехтел“ е само исплата на кредитот што ДУИ/УЧК ѝ го должат на Америка од војната во 2001-та до денешен ден и е дел од дваесетгодишно владеење, што не се случило во ниту една европска земја. А таму каде што се случува, тие го нарекуваат тоа диктатура и режим. Од тие, најверојатно до две милијарди евра за седум-осумдесет километри автопат, две третини ќе ги платат оние што Американците ги ословуваат со северномакедонци и православни, односно ние! Е па, чорба, Македонче.
За две милијарди, толку е, драги мои граѓани на севернистан. Бадијала зборам, што и да направиме, оваа неолиберална Америка нема да застане зад ниту една работа што може да се дефинира како потреба, не на онаа држава што ја нарекоа Северна Македонија, туку на Македонците по род. Америка си е обична империја на која ние сме ѝ ја отвориле вратата за да не мора да ја крши!
И, оние што ќе преживеат и ќе останат тука, ги молам, безмалку ги проколнувам, да не му веруваат никому освен на самите себеси и своите најблиски. И постојано да го држат отворен капиџикот од другата страна на Македонија, од каде што еден ден Америка ќе си замине онака како што дојде – со тресок и во пискотници од Галичник до Река! Така си е тоа во сите американски сценарија. Од Кореја, преку Виетнам, па до Авганистан. Ја чекам со љубопитство разврската на војната во Украина. Но, кај сум јас во оваа колумна? Јас, драги мои, се радувам што се ослободив од заблудите. Сега сум слободен да побарам нови заблуди. Светот е голем и заблудите демнат од сите страни! Во последно време понудите на заблуди се толку намножени што навистина е многу тешко човек чесно да излезе од старата заблуда без да се плаши да не се најде во нова заблуда, поголема од онаа претходната!
Сепак, ѝ благодарам на Ангела Аџилер, американската амбасадорка во Северната Дискантрија, што ме ослободи од заблудите! Искрено, не е тоа мала работа. Но, како и да е, пред да ѝ кажам „гуд бај“ на Америка, енивеј, мора да признаам дека беше многу забавно, како во холивудски филм, шеќерливо и горчливо! Во исто време.
Авторот е режисер и универзитетски професор