Фото: МИнистерство за здравство

Министерот за здравство, Азир Алиу, учествува на 12. состанок на високо ниво на Иницијативата за мали земји на Светска здравствена организација, што се одржува во Рига.

На дводневниот форум, посветен на иднината на здравствената работна сила во Европа, се дискутира за предизвиците со кои се соочуваат малите земји – ограничени ресурси, миграција на медицински кадар, стареење на населението и растечки потреби на пациентите.

Во своето обраќање, Алиу нагласи дека малите држави можат побрзо да се адаптираат на промените и да спроведуваат реформи благодарение на подобрата координација и политичка волја.

 – Нашата цел е да изградиме здравствен систем кој подобро ќе го користи знаењето на здравствените работници, ќе го намали административниот товар и ќе им овозможи повеќе време за пациентите – истакна министерот.

Тој ја претстави Националната стратегија за дигитално здравство 2026–2030 како еден од најзначајните реформски процеси во земјата. Според него, дигитализацијата не претставува само технолошка модернизација, туку средство за подобра организација на здравствените услуги, поврзување на сите нивоа на здравствена заштита и обезбедување побрз пристап до релевантни податоци.

 – Дигиталното здравство не е цел сама по себе. Тоа е инструмент за подобра грижа. Кога податоците го следат пациентот, лекарите имаат поцелосна слика, а пациентите добиваат побрза и побезбедна услуга – рече Алиу.

Министерот ги претстави и следните чекори што ги презема Министерството за здравство, меѓу кои се дигитализирани патеки на лекување, системи за приоритетно упатување и тријажа, развој на мултидисциплинарни тимови и пилот-проектот за теледерматологија, кој треба да ја доближи специјалистичката здравствена услуга до жителите на руралните и оддалечените средини.

На панелот посветен на дигиталните технологии и вештачката интелигенција, Алиу истакна дека вештачката интелигенција може значително да придонесе за модернизација на здравството, но не смее да ја замени човечката одговорност и стручност.

Учеството на министерот во Рига е дел од напорите за поголема вклученост на земјата во европските здравствени политики, размена на искуства и примена на современи решенија за поодржлив и поефикасен здравствен систем.