Во Тиват денеска ќе се одржи Самитот ЕУ – Западен Балкан под мотото „Заеднички просперитет и стабилност на Европската Унија и Западен Балкан“, на кој главна тема ќе биде процесот на проширување на Унијата.
Со Самитот ќе претседава претседателот на Европски совет, Антонио Кошта, кој изминатите денови ги посети земјите од регионот. Домаќин на собирот е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.
На Самитот ќе учествуваат и претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, како и претседателката на Европски парламент, Роберта Мецола.
Според најавите, лидерите ќе разговараат за процесот на проширување и за спроведувањето на Планот за раст, при што се очекува Европската Унија повторно да ја потврди својата поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан.
На агендата ќе бидат и регионалната безбедност, отпорноста на заедничките предизвици во услови на сложени геополитички околности, како и продлабочувањето на соработката во надворешната, безбедносната и одбранбената политика.
Самитот е дел од реализацијата на Стратешката агенда на Европскиот совет за периодот 2024–2029 година. Средбите ЕУ – Западен Балкан се одржуваат од 2018 година, а последниот ваков самит се одржа во Брисел минатата година.


































