Како Кина ја „украде“ европската бајка

Класичната бајка за тоа како и зошто настанала Европската Унија (најпрво во вид на Европска заедница за јаглен и челик, а потоа и како она што го познаваме денес) тргнува од тезата дека клучот на помирувањето на европските нации била соработката, која довела до нивен заеднички развој. Идејата толку фалена како мировна и неверојатно успешна што би требало да се извезува и надвор од Континентот се состои од уверувањето дека економското, финансиското, политичкото, па културното поврзување создава функционална поврзаност, испреплетеност што потоа војната ја прави невозможна. Тоа е тезата за „безбедносна заедница“, за создавање политичко-економски-географски простор што продуцира иницијативи за развој и модернизација, а воените пресметки ги прави не само непотребни туку и невозможни. Накратко, клучот на мирното (европско) општество е во тоа што приоритетот е ставен на развојот, а кога нештата ќе се поврзат длабоко, тогаш разидувањата и конфликтите се ретки. И покрај длабоките кризи на капитализмот (една од најлошите беше онаа од 2008 година, а денешната се заканува да биде уште подлабока), се шири мантрата дека е подобро да си внатре во ЕУ, одошто надвор. (Дури и Британија се кае заради брегзитот, велат.) Таквата идеолошко-бајковита претстава на ЕУ и овде дава плодови, нели? Вербата дека НАТО нè брани, а ЕУ ќе нѐ храни (па, ако треба за таа мирољубива оаза и името и семето и племето, сè ќе продадеме и од сè ќе се одречеме). ЕУ се замислува како елдорадо, како Еден, како рај на Земјата. За кралската нова облека одамна пишуваше Ханс Кристијан Андерсен (и мнозина мислат дека е тоа детска приказна, а не е). Проблемот со денешна ЕУ е што ѝ шијат нов шинел, а не скапоцена кралска облека. Таа и последниот грош ќе го даде за воената индустрија, т.е. за сето она што навидум беше нејзина антитеза – зошто ЕУ е нобеловка за мир. Но, тоа сум го пишувала и зборувала одамна (своевремено, додека не ме исфрлија како божем некомпетентна од програмата, предавав за институциите на ЕУ и европскиот политички систем на постдипломските и докторските европски студии – алас!). Учебникот остана, но од онаа ЕУ не остана ништо. Таа се обезличува речиси со еднакво темпо како и нашава земјичка, која уште сонува за европска благосостојба додека Америте ја ограбуваат до гола кожа.

Нејсе, друг ми беше зборот. Оној од насловот. Станува збор за синофобијата, омразата и предрасудите, а за пропагандата и да не зборувам, кон една земја што е чудо сама по себе. Во детството дома ги имавме (и читавме) собраните дела на американската мисионерка во Кина, Перл Бак („Добра земја“, „Исток-Запад“, „Синови“ итн.). Во 1938 година Бак ќе добие Нобелова награда за литература, а мнозина (вклучувајќи го и Никсон) низ децениите ќе ја нарекуваат „мост помеѓу Истокот и Западот“. И покрај нејзината посветеност и искрена љубов за кинеското општество, во време кога американското негува омраза кон „жолтата опасност“, таа сведочи за една многу сиромашна земја, со тешка историја, за еден напатен, но вреден и пожртвуван народ, врзан за својата земја. Тоа била некогаш Кина. Но, мнозина се обидуваат така да ја претстават и денешната земја, со зла намера, со пизма. Кога ние ги учиме студентите за историскиот успех на ЕУ, а уште повеќе кога им предаваме за тоа што е демократија, а што е мир – Кина не е на хоризонтот. Ние сме европоцентрични, ем на нејзината периферија и отфрлени како недостојни, ем вљубени во она што мислиме дека е наша судбина. Кај нас сонцето изгрева на Запад. Толку.

Ако треба да посочам пример на земја што успеала во создавање мир и демократија, тоа би била Кина. Знам дека сега веќе се острат вистиномерите и фактчекерите. Ама, Кина е комунистичка, еднопартиска држава, нема демократија!! Не, Кина успеала да го земе и развие (на сопствен начин, во согласност со своите можности и специфики) она што е најдобро за нејзините граѓани. А тоа не е изборната/формалната, туку суштинската демократија. Ако тргнеме од дефиницијата на Ганди дека сиромаштијата е најлошиот облик на насилство, тогаш Кина е земја со најмалку насилство во својот систем. Од народ што гладувал, сега е тоа народ со најголема средна класа (а дури и стариот Аристотел знаеше дека средната класа е столбот на стабилната политеја, најпожелниот облик на уредување – денес би рекле демократија). Ајде размислете вака: дали сметате дека е подобар животот во земја во која на секои неколку години учествувате во демократија на еден ден, па избирате (божем слободно) кои неранимајковци да ви го управуваат животот, да ве ограбуваат, да си ги ставаат синовите, ќерките, кумовите и сватовите на водечки позиции, додека вие осиромашувате и си ги испраќате децата што подалеку во потрага по подобар живот? Или е подобро да живеете во земја во која животот ви станува полесен и поубав од генерација во генерација? Во која владее консултативна демократија во базата и меритократија (владеење на најспособните, по пат на селекција) на врвот, и тоа со постојана консултација и оценување од оние со кои се управува – наместо какистократија (владеење на најлошите, најпримитивните, најнеспособните) во која уживаме ние? Дали сакате да бидете прашани за она што одлучуваат властите или да ве етикетираат како „нашите“? Дали сакате вашата земја да биде дел на сојуз за кој воената моќ и машинерија е средство на доминација врз другите? Или можеби сакате и вашата земја да размислува на следниот начин: ако некој е непријателски настроен кон нас, ајде да размислиме како да го придобиеме, како од непријателот на направиме пријател? Дали сакате да сте дел на светот (наводно, центарот на цивилизација) што се потпира на мускули и на експлоатација, што „шири демократија“ со бомби (и со осиромашен ураниум), или на цивилизација што никогаш не извршила инвазија на друга земја ниту ѝ организирала „обоена револуција“/државен преврат?
Кина ја „украде“ европската приказна за интеграција, и за „мека моќ“, на специфичен начин. Капиталот има, нели, иманентна тенденција да се шири. Тој бара нови пазари, развој, индустријализација, модернизација, научни достигнувања… Кина сето тоа го остварува без „булинг“, без уцени, без закани и без интервенции. Сега пак ќе скокнат вистиномерите да тврдат дека е тоа стратегија на создавање „должничко ропство“ со давање кредити и директни инвестиции во најсиромашните земји на светот. Пред да одговорите, размислете на должничкото ропство што тукушто ни го наметнаа со „Бехтел и Енка“, но со НАТО, а за ММФ и да не зборувам. Статистиката (дури и истражувањата изведени од западни истражувачки центри ги потврдуваат наодите) покажува дека Кина е врвот на земјите со најголем пораст на квалитетот на високото образование, во врвот е по странски научни кадри за кои ги отвора портите. Според ОЕЦД, Кина е земја со најголем прилив на мозоци. На ранг-листата на најпрестижното списание „Нејчр“ (Nаture) за 2021 година, на прво место е Кинеската академија на науки, а по неа следуваат „Харвард“ и институтот „Макс Планк“. Од демократски аспект гледано, Кина е земја чија власт има највисок легитимитет (поддршка од граѓаните) во светот. Неодамна барометарот за доверба на Еделман обелодени дека власт со најголема доверба меѓу своите граѓани е токму кинеската. Ви текнува на оние истражувања што покажуваат дека ние сме меѓу најнесреќните нации во светот? Е па, на тие листи Кина е на врвот, со 93 отсто испитаници што сметаат дека се среќни (наспроти глобалниот процент од 63 отсто).

По параметрите на еден идеолошки пропагандист како Френсис Фукујама (кому УКИМ се подготвува да му додели титула на почесен доктор на науки – откако пропадна иницијативата за Хавиер Солана пред петнаесетина години), Кина е автократија. Но, кој е Фукујама (или од иста причина кој било западен авторитет) да кажува што е демократија?! Демократија, а и позитивен мир (мир што овозможува еманципација на личноста), постои само таму каде што народот/демосот е задоволен од својата власт. Пред фактичката состојба не можат да замижат ни некои западни истражувачки центри. Кина станува и најдобредојден инвеститор во другите делови на светот, бидејќи не доаѓа да проповеда и дели лекции по демократија, туку да гради болници, патишта, пристаништа, аеродроми… Да се разбереме, тоа не значи дека е Кина некаков глобален хуманитарец – не, таа е прагматична како и своевремено ЕУ. Нејзе ѝ е потребен МИР, само во мир и со изградена инфраструктура, здрава и образована популација, таа може да ја развива својата економска стратегија на мирољубив развој. И дома и надвор.

Но, зошто таква омраза кон економскиот развој и ширење мека моќ (без политичко туторство) од страна на Западот? Зошто она што важи (или важеше) за нив сега е рамно на „жолта“ опасност? Зошто е ЕУ мирољубив проект, а Кина не е? Приказната за синофобијата е стара и бара подетална елаборација, за која овде немаме место. Но доволно е да знаеме дека е тоа дел на колонизаторскиот менталитет и ароганција на Западот. Она што ним им е дозволено, дури и со брутални интервенции и цена во невини човечки жртви, на Кина ѝ се зема за зла намера. Затоа и ние ќе туркаме упорно и по секоја цена европски студии, без да видиме колку се променил светот. Така е тоа кога онаа што ќе влегуваше во НАСА со Преспанскиот договор, сега ќе ни менува Устав…